Соединетите американски држави соопштија дека воените сили извршиле нови напади врз јужен Иран, таргетирајќи ракетни позиции на Исламската револуционерна гарда и чамци кои се обидувале да постават мини.
Според централната команда на САД (Центком) нападите биле изведени во „самоодбрана“, со намера„за заштита на американските воени единици од заканите кои доаѓаат од иранските сили.
Иранската Револуционерна гарда пак тврди дека нивни припадници собориле американски дрон и отвориле оган кон борбен авион и уште еден дрон кои навлегле во иранскиот воздушен простор
Иран соопшти дека тие имаат легитимно право да возвратат на какви било прекршувања на прекинот на огнот од страна на САД.
Останува нејасно какво влијание ќе имаат најновите американски напади врз обидите за постигнување мировен договор меѓу САД и Иран.
Барем според американскиот државен секретар, Марко Рубио, договорот сѐ уште е можен, додавајќи дека администрацијата на Трамп ќе се согласи единствено на, тоа што тој го нарече, добар договор. Рубио тврди дека Ормускиот теснец мора да биде отворен за слободен поморски сообраќај.
„Ќе биде отворен на еден или на друг начин. Значи, мора да биде отворен. Тоа што се случува таму е незаконско, нелегално, неодржливо за светот и неприфатливо. Не знам за ниту една земја во светот… Русите не поддржуваат систем на наплата, Кинезите не поддржуваат систем на наплата. Нема ниту една земја во светот што поддржува систем на наплата освен режимот во Иран. Значи, тоа не е прифатливо, тоа не смее да се случи. Теснецот мора да биде отворен, непречен и без патарини“ – изјави американскиот државен секретар, Марко Рубио.
Во меѓувреме, иранскиот врховен лидер, Моџтаба Хаменеи, изјави дека Блискиот Исток „повеќе нема да служи како штит за американските бази“.
Хамнеи, кој не се појавил во јавноста откако го наследи својот татко како врховен лидер, откако тој беше убиен на почетокот од американско-израелските напади против исламската република, тврди и дека САД од ден на ден се повеќе го губат својот статус на неприкосновена светска сила.
Според информациите во американските медиуми, разговорите нема веднаш да доведат до конечно решение за сите спорни прашања за кои најверојатно ќе мора да се преговара подоцна, вклучувајќи ги деталите за олеснување на санкциите кон Иран, ослободување на замрзнатите ирански средства и американските барања Иран да ги ограничи своите нуклеарни амбиции.
Меѓународната агенција за атомска енергија проценува дека на почетокот на војната Иран имал околу 440 килограми ураниум збогатен до 60% чистота.
Трамп инсистира дека изјави дека овој ураниум или „веднаш“ ќе биде предаден на САД, или „по можност, во соработка и координација со Исламската Република Иран, ќе биде уништен на самото место“.
Никола Илиевски
