Вести Економија Топ вести

Eкономијата повторно стана поле за политичка пресметка меѓу власта и опозицијата

Според едните никаков економски напредок, според другите успешно економско владеење. Опозицијата и власта одново се скараа околу економските резултати, поточно околу тоа чии математики се точни и кој правилно ги чита бројките.

Откако вчера лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, обвини за економска катастрофа, односно дека по две години од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ нема напредок на ниту едно поле, а најголемо потфрлање има во економијата и во животниот стандард на граѓаните, реагираше министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска.

Таа го повика економскиот тим на СДСМ на средба во Министерството за финансии, за како што рече, да седнат и убаво да ги објаснат работите.

Деновиве гледаме хистерични прес-конференции, полни со невистини, погрешни толкувања и крајно очајни политички конструкции. За економијата не се зборува со паника. За економијата зборуваат бројките. А токму со бројките опозицијата не стои баш добро, реагираше министерката за финансии.

Филипче експресно одговори на повикот за средба.

Добро. Доаѓаме. Но, да дојдат и медиумите со камери. Отворете ги вратите широко, нека слушнат и нека гледаат граѓаните. Нека ни објасни како 1 + 2 = 5, како што објаснуваше дека половина Европа ќе банкротира, а Македонија ќе стане богата, напиша Филипче на социјалните мрежи.

Додека тој прашува кој ќе понесе одговорност за зголеменото задолжување на државата, ниските плати, високата инфлација и недостигот на мерки за заштита од кризата, министерката за финансии потсети дека при преземањето на власта наследиле државна каса во исклучително тешка состојба.

Во периодот на владеењето на СДСМ бруто домашниот производ растел со најслабо темпо во регионот, а јавниот долг речиси се удвоил, од 4,8 на 9 милијарди евра. Но, според неа, денес состојбата е поинаква.

Засега, останува неизвесно дали навистина ќе дојде до средба на економските тимови на власта и опозицијата.

Мирјана Јовеска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Урсула фон дер Лајен ќе го донира пиштолот кој го доби од претседателот Ердоган на Самитот во Анкара

Tea Dimkovska

Тројца приведени од кои двајца доктори, претреси на пет локации во Скопје – се проширува истрагата за ботоксите

Sasko Dimovski

Обвинителството побара подготвителна постапка и мерки за четворица малолетници за случајот на врсничко насилство во Аеродром

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе