Во подрачното училиште „Тодор Ангелевски“ во битолско Горно Оризари, часовите по ликовно се одвиваа нормално се до пред неколку дена.
Наставникот Стефан Поповски држел настава, пишувал оценки во електронскиот дневник, присуствувал на наставнички совети и бил дел од годишната програма на училиштето. Но, според документ што деновиве првпат му бил покажан, тој добил отказ пред година и пол.
Поповски вели дека редовно одел на работа во училиштето, каде имал четири часа неделно, а паралелно бил ангажиран и во уште две училишта за да оформи полн фонд. Пред еден месец утврдил дека за часовите во „Тодор Ангелевски“ ниту добива плата, ниту е пријавен.
Кога побарал исплата, од училиштето му доставиле документ според кој работниот однос му е прекинат уште на 29 јануари 2025 година, иако, како што тврди, никогаш не му бил врачeн. На документот нема службен печат ниту негов потпис, туку само потпис од тогашната директорка. Сега, вели, му е забранет влез во училиштето.
До вчера одев на работа нормално. Денеска ми ја затворија вратата. Ако сум имал отказ, тогаш кој дозволил цела година да бидам на распоред, да држам часови и да оценувам ученици, прашува Стефан Поповски, наставник по ликовно образование.
Иако, според документацијата, не бил вработен, Поповски цела година држел настава, а неговите ученици освојувале награди на ликовни конкурси. Училиштето на социјалните мрежи ги објавувало неговите успеси и муралите што ги изработувал.
Актуелната директорка Гордана Јоначиќ вели дека вчера имала инспекција и остава целиот случај да се реши по институционален пат. Други детали не соопшти.
Во меѓувреме, Општина Битола најави проверка на случајот.
Дадов налог до општинскиот инспектор за образование да ги провери наводите и доколку се утврди дека се точни, ќе покренам постапка за разрешување на директорката, соопшти градоначалникот Тони Коњановски.
Поповски најавува тужба против училиштето, а за случајот го известил и Основното јавно обвинителство во Битола.
Но, додека институциите утврдуваат кој потфрлил, остануваат отворени прашањата: како наставник цела учебна година работел без валиден статус, кој му дозволил пристап до системите и учениците, што ќе значи ова за наставниот процес што тој го водел и колку се валидни оценките што ги ставал?
Емилија Мисирлиевски
