Доколку собранието го усвои предложениот Закон за игри на среќа, 10.000 вработени во секторот ќе останат на улица што, заедно со семејствата, ќе значи 35.000 нови кандидати за исселување во странство. Тоа е социјална бомба, предупреди Оливера Костова, претставничка на Здружението на вработени во секторот игри на среќа „Сакам да работам“, на денешниот протест во Скопје.

„Ако овој економски сектор престане да постои во Македонија, ние ќе немаме друг избор освен да аплицираме во странство, во ЕУ, во западните земји за да работиме на работни места за кои сме се обучиле. Сакаме да упатиме јасна порака. Нашите протести се демократска битка за вистината. Долг период игрите на среќа се цел на негативна кампања. Ние не сме закана за младината. Закана за младината е популизмот кој, затворајќи ги легалните објекти, ќе ги направи младите лесен плен на играчници на црно кои ќе се одвиваат по подруми, каде државата ќе нема никаква контрола“, порача Костова.

Изразија подготвеност за организирање на масовни протести, доколку продолжи игнорантскиот однос на државата кон нив.
„Ова денеска е само предупредувачки собир. Излезени сме во помал број за да покажеме дека сме спремни. Но, ако Владата итно не најде решение за нашите работни места, масовно ќе излеземе на улица, со сите наши вработени и целите наши семејства, сè додека некој не нè сфати сериозно. Цели осум години сме жртви на секоја политика, на секоја Влада, за нечии лични бизнис интереси. Секој што сака да ќари евтини политички поени, удира по нашиот грб. Осум години секој што ќе стигне нè држи во заложништво. Оставени сме во целосна неизвесност и секој ден живееме во страв дали утре нашиот објект ќе биде затворен и дали нашите работни места ќе постојат“, изјави Стеван Крстевски, претставник на Здружение на вработени во сектор игри на среќа „Сакам да работам“.
Тој најави масовни блокади низ целата држава, доколку, како што рече, „не бидат слушнати сега“.
С.Д.
