Враќање на довербата во судството преку работа без партиски притисоци и бизнис влијанија е ветувањето што го дадоа сите кандидати на денешното интервју за член на Судскиот совет кој се предлага од Собранието. Речиси сите, како слабост и главна причина за пренатрупаноста со предмети, го наведоа недостигот од кадар. Дел од кандидатите имаа и свои идеи како да се подобри состојбата.
„Јасните и целосни образложенија на одлуките се клучни за избегнување сомнежи во јавноста“, истакна Ислами.
На огласот по третпат е пријавен и поранешниот владин повереник за градоначалник на Гостивар. На прашањето, дали не смета дека тоа ќе има партиско влијание врз неговата работа, одговори дека нема законска пречка.
„Потребни се правници со интегритет и авторитет кои ќе придонесат за подигање на довербата во судската власт“, рече Џелили, потенцирајќи дека тоа е важен сегмент и на реформите поврзани со европските интеграции.
За првпат се бира член на Судскиот совет што не е од редот на судиите по новиот закон што Собранието го донесе на крај на минатата година. Клучнита промена беше таа што прецизно се дефинираат критериумите за тоа кој може да биде „истакнат правник“ и се воведе задолжителна јавна расправа при изборот. Токму ова ги охрабрило повеќето кандидати да се пријават.
„Само преку доследна примена на критериуми засновани на знаење, интегритет и резултати може да се обезбеди квалитетна и независна судска власт“, нагласи Даути, додавајќи дека ќе се залага за транспарентност, мерит-систем и јакнење на довербата на јавноста.
Испразнетото место доаѓа по истекот на вториот мандат во декември лани на членот на Судски совет, Селим Адеми.
Ова место е резервирано за припадниците на заедниците кои се над 20 проценти. Критериумите во огласот беа кандидатите да бидат од редот на универзитетски професори по право, адвокати, поранешни судии на Уставниот суд, на меѓународни судови и други истакнати правници. Не смеат да се кандидираат актуелни судии или обвинители, но и лица што се разрешени од функциите.
Далиборка Демјанска Цветановска
