Ракометен спектакл се очекува вечерва во СЦ „Борис Трајковски“ особено откако претпладнево од Ракометната федерација на Македонија потврдија дека влезниците за реванш натпреварот за пласман на СП 2027-ма година меѓу Макдонија и Словачка се распродадени.
За селекторот Кирил Лазаров и нашите најдобри ракометари, ова е веројатно совршено сценарио, ако се знае дека главниот дел од нивната задача го одработија на гостински терен. Пред три дена во Прешов, тие убедливо прославија со 31:24, па мисијата да ја одбранат веќе заработената предност од плус седум погогоци пред нивната омилена, домашна публика, ќе биде многу полесна, а и за нив ќе понуди атмосфера во која надигрувањето истовремено е и вистинско уживање.
Очекувањата на спортската јавност се дека вечерва рутинирано ќе прославиме нов пласман на еден ракометниот Мундијал, кој ќе се одржи во јануари 2027-ма година, а кој за Македонија би бил осми во низа и вкупно десетти во историјата.
Денеска во Скопје се одбележува и Националниот ден на ракометот, со програма која вклучува спортски и забавни активности за сите возрасти. Почетокот е закажан во 14 часот пред платото на СЦ „Борис Трајковски“, а очекувањата се вечерашниот натпревар меѓу Македонија и Словачка кој ќе започне во 19 часот, да биде кулминација на целодневната ракометна програма.
