Комисијата за спречување и заштита од дискриминација поведе постапка по службена должност против Министерството за спорт и Одбојкарската федерација на Македонија, поради сомневање за директна дискриминација врз основа на пол, во областа на образованието, науката, спортот и пристапот до добра и услуги.
Постапката доаѓа откако Министерството за спорт им додели двојно помала парична премија на одбојкарките на Вардар за освоениот Куп на Македонија во однос на одбојкарите на Штип, кои славеа во машка конкуренција.
За време на завршниот турнир од 33-тиот Куп на Македонија што се одржа во салата „Јане Сандански“ во Скопје, екипите на Штип во машка и Вардар во женска конкуренција ги освоија трофеите. Само неколку денови подоцна Министерството за спорт реши парично да ги награди победниците, но одбојкарите добија двојно повеќе од одбојкарките. Штипјани добија 1.000.000 денари, додека „вардарки“ само 500.000.
Ваквата одлука донесе многу реакции во јавноста, па сега случајот го презема Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
„Согласно Законот за спречување и заштита од дискриминација, ваквиот различен третман при определување на државните парични награди претставува поделба на корисниците врз основа на пол, при што женските тимови се ставени во понеповолна положба. Со тоа се повредуваат одредбите од член 5 и член 6 од Законот за спречување и заштита од дискриминација“, се вели во дел од соопштението на Комисијата.
Доколку Комисијата утврди дискриминација, може да наложи отстранување на нееднаквиот третман и да препорача изедначување на наградите, а во случај на непостапување, да иницира и прекршочна или судска постапка против надлежните институции.
