Бензините поевтинуваат, цената на дизелот останува иста. Регулаторна со нови одлуки. Од ноќеска на полноќ 95 ќе се точи по цена од 84 денари за литар или 2, 5 денари поевтино. Цената на 98 се намалува за три денари и литар ќе чини 85,5 денари.
Кај дизелот чија цена периодов е најмногу на удар, овој понеделник нема да има промени. Литар чини 95, 5 денари.
РКЕ одлучи да го намали и надоместокот за определување на густина на нафтените деривати, транспортните трошоци, трошоците до склад во земјава како и трошоците за работење преку нив и трговската маржа со вклучени транспортни трошоци од склад до бензиска. Со оваа одлука во соопштението на РКЕ пишува дека цената по литар паѓа за половина денар.
„Се менува износот од 8,20 ден/литар на 7,70 ден/литар, како резултат на намалувањето на трошокот за работење преку склад, кој наместо 1,70 денари/литар, сега ќе изнесува 1,20 денари/литар. Потребата од оваа измена произлегува од актуелните случувања на светските берзи на цени на нафта и нафтени деривати и нивното влијание на домашниот пазар со нафта и нафтени деривати“, соопштија од Регулаторната комисија за енергетика.
На оваа одлука на регулаторите реагираа од Макпетрол. Во нивниот допис стои дека е донесена без консултации поради што во прашање е донесена стабилноста на пазарот и снабдувањето.
„Особено загрижува што во образложението на одлуката, без основ, се наведува дека целта на измената е заштита на потрошувачите и обезбедување сигурност и стабилност во снабдувањето. Според реалната состојба на пазарот, актуелните услови се исклучително сложени, а трговците со нафтени деривати веќе подолг период работат под силен финансиски притисок. Во услови на нестабилни движења на светските пазари, поради одлуките на РКЕ, трговците се принудени дериватите да ги набавуваат по повисоки цени од малопродажните, што значи работење со загуба“, соопштија од „МАКПЕТРОЛ“.
Минатата недела Регулаторна го промени и правилникот за да може по потреба да прави корекции и пред понеделник но само ако државата донесе одлуки кои би влијаеле на крајната цена.
Случувањата на Блискиот исток ги размрдаа берзите. Од горивата најмногу на удар е дизелот. До сега неговата цена е порасната за над 30 отсто. Од Советот на Народната банка пак соопштија дека има ризик по инфлацијата.
„Поради воените случувања и прекинот во снабдувањето со енергенти од земјите од Заливот, очекувањата за дел од увозните цени, пред сѐ за цените на нафтата, се ревидирани поизразено во нагорна насока во однос на октомвриските проекции, што претставува нагорен ризик за инфлацијата во следниот период“, соопштија од Советот на НБРМ.
Владата за сега делуваше само со една мерка. Го намали ДДВ то за горива од 18 на 10 отсто Но, во неколку наврати премиерот Мицкоски кажа дека ситуацијата се следи и ако има потреба ќе се делува и со други мерки. Меѓу оние кои се на располагање е и намалување на акцизата. Познавачите во земјава пак сугерираат дека во ваква ситуација важно е државата да се координира со соседите. Во меѓувреме цената на нафтата на берзите се искачи на 115 долари за барел.
Ирена Чачкова
