Во вонреден инспекциски надзор на Дирекцијата за храна и ветеринарство, Државниот санитарен и здравствен инспекторат и Центарот за јавно здравје од Битола, инспекторите ја затворија работничката менза во РЕК Битола поради сомневање за труење со храна. Досега околу 120 вработени во комбинатот побарале лекарска помош поради стомачни тегоби. Мензата ќе остане затворена се до добивање на конечните резултати, а во меѓувреме инспекторите наредиле вонредно чистење и дезинфекција на објектите и опремата и санитарни прегледи за сите вработени.
„Во координирана акција се земени мостри од храна и брисеви од работни површини, како и од рацете и носот на вработените. Кујната е времено затворена, односно изречена е забрана за подготовка и послужување храна до завршување на постапката и добивање на резултатите од лабораториските испитувања“, соопштија од АХВ.
Вработени во комбинатот вчера се пожалија на стомачни тегоби по консумирање оброк – лазањи со сос – подготвен во кујната на РЕК Битола.
„Освен 80 пациенти кои се јавија на преглед вчера до 15 часот, во текот на ноќта до утрово во Ургентното одделение имаше уште 40. Сите имаат лесна до средно тешка клиничка слика – дијареја, повраќање, дел и со температура и дехидратација. Дел се третирани амбулантски, а некои ќе доаѓаат наредните денови на терапија. Само еден пациент е хоспитализиран, изјави д-р Хараламбос Сидиропулос, инфектолог во Клиничката болница Битола.
Од комбинатот и од ЕСМ Молика, која управува со кујната, вчера тврдеа дека не станува збор за масовно труење. Работничката менза во РЕК Битола беше обновена во септември лани, по пауза од речиси 20 години
Емилија Мисирлиевска
