Дигиталниот простор одамна не е само алатка за комуникација, информирање и забава. Социјалните мрежи и модерните комуникациски канали често се простор за влијание, натпревар на наративи, зајакнување на идентитети и отворање на пат кон радикализација. Ова се дел од заклучоците на трибината „Онлајн радикализација како безбедносен предизвик за Македонија“ организирана од Институтот за комуникациски студии (ИКС).
Генералната слика за онлајн радикализација се екстремистички видеа, експлицитна пропаганда или отворени повици.
„Почнува суптилно со чувство на неправда, фрустрација, социјална изолација, потреба за припадност, а токму тука дигиталниот простор станува проблем бидејќи дозволува брзо ширење на сите штетни наративи. Онлајн радикализацијата не е само безбедносно прашање, таа е социолошко комуникациско, образовно, политичко прашање. Она што се бара од земјите како домашни задачи, не е да се реагира кога ќе има сериозен случај туку да се развиваат превентивни механизми, координација, капацитети и јавна свест. Во таа смисла онлајн радикализацијата не преставува прашање како да спречиме закана туку како да изградиме поотпорно општество“, рече Александар Грижев, Воена Академија.
Процесот на радикализација е процес кој трае, верски мотивираниот радикализам е најсилен а најголем замав доби со отворање на жариштата во Сирија и Ирак. Потребни се законски измени со кои ќе истовремено ќе се следи онлајн просторот и ќе се внимава на човековите права.
„Процесот на радикализација не е едноставен процес и трае. Не може одредено лице или лица да се радикализираат преку ноќ, како што не може одредено лице или лица преку ноќ да станат терористи и да извршат и согласно идеолошкото убедување да извршат терористички напади. Во Македонија егзистира одредена, убава бројка, на здруженија, групации и поединци кои што ги злоупотребуваат начините на функционирање на поедини граѓански здруженија токму за ширење на радикална пропаганда преку која се регрутираат потенцијални истомисленици. Имавме неколку случаи во изминатиот временски период, особено последните две години. Кога станува збор за подготовка за изведување на терористички напади во државата, старосната граница тука, особено благодарение на овие онлајн процеси на радикализација е поместена многу погоре. Стануваше збор за припадници на група родени во 1999, 2000 и 2001 година“, рече Бобан Стојановски, експерт за безбедност.
Радикализацијата и тероризмот во Македонија се тесно поврзани со организираниот криминал, покажале анализите на безбедносните служби.
„Во Македонија, во последните две години, откриени се 14 нарко групи кои што директно влијаат позитивно на безбедноста и стабилноста на државата бидејќи се повеќе информации кажуваат дека терористите сакаат да ги користат овие групи од организиран криминал за извршување на насилни активности. Финансирањето не се одвива како што порано се одвиваше. Во основа се крипто валутите, се разбира, има повеќе форми на нелегално финансирање на некои невладини и пара верски организации. Кога зборувам невладини, апсолутно не мислам на оние кои се присутни во јавноста, туку невладини кои се формираат за еден или два дена, ги финансираат и ги перат парите кои потоа се користат за радикализација“, нагласи Павле Трајанов, Национален комитет за спречување насилен екстремизам.
Формирање на единица, сместена во АНБ, која ќе се бори со модерните форми на радикализација, и законски измени со кои објавите во онлајн просторот ќе се третираат како докази се дел од чекорите кои безбедносните служби во Македонија ќе преземат во наредниот период.
Огнен Чанчаревиќ
Дигитална обработка: T.Д.
