Истече рокот за изградба на хидроцентрала на реката Блатешница во виничко Блатец. Сложните жители кои десет години ја водат битката против изградба на хидроцентрала на нивната река пред три дена го доставило барањето за раскинување на концесијата од страна на Владата.
На инвенститорот лани му беше продолжена концесијата, но токму денеска завршува и на терен нема почнато градба. Барањето на Месната заедница за раскинување на концесијата е доставено до Владата и министерствата и во него се наведуваат три причини за раскинување договорот за концесија.
- Прва причина е воопшто концесионерот не започнал со исполнување на обврските за заштита на животната средина, односно не е направено проценка на влијанието на проектот врз животната средина. Втора причина е што концесионерот сторил повреда на Уставот, владеењето на правото на здрава животна средина и трета причина е тоа што одобрението за градење на хидроцентрала е престанато, вели Блаже Анакиевски претседател на МЗ Блатец, Виница.
Дежурствата од страна на жителите на виничко Блатец на местото каде треба да се гради хидроцентралата се сведени на минимум, но жителите најавуваат дека ќе реагираат доколку се појави механизација на терен.
Мештаните се единствени и кон крајот на февруари со земјоделска механизација го блокираа регионалниот пат Виница-Берово, каде што категорично порачаа дека нема да дозволат изградба на мали хидроцентрали на нивната река од која се снабдуваат со вода за пиење и го наводнуваат своето поле.
Викторија Јованова
Б.С.
