Вести Македонија Топ вести

Минималната плата расте минимално, а незадоволството останува – Владата и синдикатите на спротивна страна, работниците ќе протестираат

Дијалогот е заглавен, борбата за повисока минимална плата од институциите се сели надвор на улиците. Синдикатите останаа на барањата, а Владата не попушти. Надлежните порачаа – платата расте, а ССМ возврати – не толку колку што бараат работниците.

Сојузот на синдикати не даде легитимитет на денешната седница на Економско-социјалниот совет, го напуштија состанокот и порачаа дека Владата, работодавачите и другите синдикати се на истиот став – да има само законско усогласување на минималната плата, но не и да се зголеми . Минималецот сега ќе чини 26 илјади денари.

„И затоа ниту даваме согласност, ниту правиме кворум на седницата на Економско-социјалниот совет. Без претставници на ССМ немаат ниту кворум и не можат да донесат одлука. Месец март има уште денови, а на средината на месец март, другари, се гледаме на улица – затоа што колку ќе дојдете, толку ќе добиеме. За жал, не ни стигнавме до утврдувањето на вредноста на некаква владина потрошувачка кошница. Од тоа што неофицијално го знам како податок, таа ќе биде пониска од синдикалната минимална кошница“, вели Слободан Трендафилов, претседател на Сојузот на синдикати на Македонија. 

Премиерот Мицкоски вели дека Информацијата за висината на минималната плата која ќе биде согласно законското усогласување утре ќе се најде на владина седница, а очекува и бипартитниот дијалог помеѓу работниците и работодавачите да продолжи во иднина.

Според министерот за економија, Бесар Дурмиши, со законското усогласување се согласиле сите присутни синдикати освен ССМ. За владината просечна потрошувачка кошничка, министерот тврди дека е реална – иако поевтина од пресметките на синдикатите.

„Околу 13% е поевтина од минималната потрошувачка кошничка која ја објавуваат ССМ. Нивната не е реална туку е направена од тројца професори кои и самите кажуваат дека не е минимална таа потрошувачка кошничка бидејќи имаат ставено многу трошоци кои не ги опфаќа минималната кошничка“, изјави министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши. 

Сојузот на синдикатите на Македонија во последните неколку месеци повеќепати организираше протести и блокади за остварување на барањата, а тоа се: минимална плата од шестотини евра и зголемување на сите останати плати за сто евра.

Покрај протестот кој го планираат за средината на март, во најава е и одржување на генерален штрајк.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Гостиварски „Комуналец“ ја префрла вината на ЈПДП за нереализираниот проект за водоводот – проблем биле 16.000 денари

Sasko Dimovski

Кривични за семејно насилство – еден син ја влечел мајка му со кола, а друг со тупаници барал пари од својата мајка – обвинителството бара мерки за претпазливост

Дејан Дејан

Стомачните тегоби не стивнуваат, но епидемилошката состојба полека се смирува, велат епидемиолозите

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе