Дијалогот е заглавен, борбата за повисока минимална плата од институциите се сели надвор на улиците. Синдикатите останаа на барањата, а Владата не попушти. Надлежните порачаа – платата расте, а ССМ возврати – не толку колку што бараат работниците.
Сојузот на синдикати не даде легитимитет на денешната седница на Економско-социјалниот совет, го напуштија состанокот и порачаа дека Владата, работодавачите и другите синдикати се на истиот став – да има само законско усогласување на минималната плата, но не и да се зголеми . Минималецот сега ќе чини 26 илјади денари.
„И затоа ниту даваме согласност, ниту правиме кворум на седницата на Економско-социјалниот совет. Без претставници на ССМ немаат ниту кворум и не можат да донесат одлука. Месец март има уште денови, а на средината на месец март, другари, се гледаме на улица – затоа што колку ќе дојдете, толку ќе добиеме. За жал, не ни стигнавме до утврдувањето на вредноста на некаква владина потрошувачка кошница. Од тоа што неофицијално го знам како податок, таа ќе биде пониска од синдикалната минимална кошница“, вели Слободан Трендафилов, претседател на Сојузот на синдикати на Македонија.
Премиерот Мицкоски вели дека Информацијата за висината на минималната плата која ќе биде согласно законското усогласување утре ќе се најде на владина седница, а очекува и бипартитниот дијалог помеѓу работниците и работодавачите да продолжи во иднина.
Според министерот за економија, Бесар Дурмиши, со законското усогласување се согласиле сите присутни синдикати освен ССМ. За владината просечна потрошувачка кошничка, министерот тврди дека е реална – иако поевтина од пресметките на синдикатите.
„Околу 13% е поевтина од минималната потрошувачка кошничка која ја објавуваат ССМ. Нивната не е реална туку е направена од тројца професори кои и самите кажуваат дека не е минимална таа потрошувачка кошничка бидејќи имаат ставено многу трошоци кои не ги опфаќа минималната кошничка“, изјави министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши.
Сојузот на синдикатите на Македонија во последните неколку месеци повеќепати организираше протести и блокади за остварување на барањата, а тоа се: минимална плата од шестотини евра и зголемување на сите останати плати за сто евра.
Покрај протестот кој го планираат за средината на март, во најава е и одржување на генерален штрајк.
Петар Догов
