Откако градоначалникот на Крива Паланка Сашо Митовски се огради од одговорност во проблемот со кравите и рече дека нема никаква законска надлежност да постапува во справувањето со проблемот со говедата што лутаат низ градот ,реагираа од Агенцијата за храна и ветеринарство .
- Го потсетуваме Митовски дека неодговорно е кон сопствените граѓани и жители на паленечките села тој да се иззема од одговорност, која ја има во овој случај, бидејќи во согласност со Законот за јавната чистота, член 14 став 1 точка 11, контролата на одржувањето на јавните површини, односно чување и напасување крупен добиток (вклучително и говеда) на јавни површини ја има токму Општината. Ако сакаше, Митовски и досега можеше да го реши проблемот, сам или со помош од некои поранешни функционери, негови сограѓани, кои беа во врвот на претходната влада – се вели во реакцијата на АХВ.
Говедата, додаваат од таму, ниту се размножија во толку голем број за една и пол година ниту може инстантно да се соберат во услови кога со Агенцијата не соработува Општината, која е еднакво одговорна за решавање на проблемот.
- Како одговорна институција, во интерес на граѓаните на Крива Паланка и околните села, го повикуваме Митовски, конечно, да почне да го почитува законот и да соработува со Агенцијата за трајно решение на реалниот проблем со кој се соочуваат жителите од овој крај – велат од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Од таму потенцираат дека АХВ и во наредниот период ќе продолжи со активности за собирање на животните во интерес на граѓаните на општина Крива Паланка.
Обвинение за таткото и двете ќерки кои спречиле службеници да одземат крави во Крива Паланка
