Блокада на паркингот на Клиничкиот центар секој ден. Наоѓањето слободно место за паркирање понекогаш трае и со часови. Наместо да мислат на здравствениот преглед или интервенција, граѓаните велат дека се загрижени дали навреме ќе стигнат поради метежот.
„Јас доаѓам од Струмица и ми треба многу време. Јас тргнувам многу порано за да стигнам навреме, гледам барем саат ипол време да стигнам за да фатам паркинг и сега и тоа едвај, може да кажам дека на среќа сум се сместила. Не може луѓе оперирани, со секакви операции да чекаат да си паркираат автомобил, па да ги однесеш до таму, не можеш како, па за брзата помош, тоа е хаос“, вели жителка на Струмица.
„Пола саат. Многу е метеж на коли и плус нема каде да се паркираш, треба да чекаш да си трпелив друга шанса нема“, се жали граѓанин.
Иако се поставени столпчиња да го регулираат сообраќајот, дел од граѓаните поради итни причини или од немај каде решаваат своите возила да ги остават и на места наменети за амбулантни возила.
Три нови катни гаражи кај гинекологија, модуларната болница и кај хелиодромот, како и четири тарифи за паркинг, треба да го решат долгогодишниот проблем во Клиничкиот центар, најави министерот за здравство Азир Алиу. Според најавите, гаражите треба да бидат готови во јуни. Цената на паркингот сè уште не е утврдена, бидејќи одлуката треба да помине во Советот на Град Скопје. Како и досега, рампата ќе биде отворена само за онколошките пациенти.
Ќе има информативни табли и посебен дигитален водич за насочување на граѓаните, урбано и хортикултурно уредување (зеленило, пешачки патеки и осветлување, паметен паркинг систем, интегрирани сензори на секое паркинг место за детекција на слободни места, камери со автоматска регистрација на возила, мобилна апликација за резервации и плаќање во реално време“, изјави Азир Алиу, министер за здравство.
Новина ќе биде и резервација на паркинг место од дома преку апликација со скенирање на упатот, најави министерот. Просторот околу Клинички центар ќе се уредува и со зеленило и пешачки патеки, најавено е дека ќе има брза лента за Итната медицинска помош, а во план е отворање и на нов влез кај Кардиологија и Кардиохирургија, за пациентите на кои секој миг им е од животно значење.
Симона Петровска
Б.С.
