Предупредувања за изолација од опозицијата, смирувачки тонови од власта. Откако одекна веста дека САД одлучија да го суспендираат издавањето на иселенички визи за граѓаните на Македонија, политичките опоненти во земјава си го вперија прстот со меѓусебни обвинувања.
Опозицијата смета дека не станува збор за „техничка пауза“ како што образложи вчера министерот за надворешни работи Муцунски, туку ова повеќе е „политички шамар“ за власта. За СДСМ, одлуката на стратешкиот партнер САД е порака дека институциите се нефункционални, реформите на хартија, а довербата на минимум.
„Одлуката на САД да ја суспендираат обработката на визи за македонските граѓани не е „техничка пауза“ како што кажа вчера Муцунски, туку е јасен политички сигнал и предупредување до нас. Вчера, Вашингтон испрати јасна порака дека се незадоволни од капацитетот на нашата држава, дека постои недоверба во институциите на македонската држава и трето дека очекуваат реформи кои упорно и упорно не се спроведуваат во нашата држава“, изјави Андреј Жерновски, член на ИО на СДСМ.
Македонија пред два дена се најде на листата на 75 држави за кои од 21 јануари конзуларните служби на САД ќе ја стопираат обработката на апликации за имигрантските визи. А, сега власта смирува – „стрпете се, доаѓаат добри вести“.
„Во деновите коишто следат ќе има добри, пријатни вести за македонските граѓани кога станува збор за ваков тип на односи со нашиот стратешки партнер. Јас жалам што опозицијата после жестоките и рафални критики кон нашиот стратешки партнер Обединетото Кралство, сега истото тоа го прави и кон САД. Така што, јас би бил внимателен и трпелив и очекувам многу добри вести за македонските вести наскоро“, најави премиерот Христијан Мицкоски.
Со земјава, на листата се најдоа уште четири други балкански држави, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија, Косово, но не и Србија, а европско друштво им прават и Белорусија, Русија и Молдавија.
Петар Догов
