Директорот на клиниката за неврологија и вонреден професор на медицинскиот факултет, Д-р Игор Кузмановски, беше разрешен денеска од функцијата од министерот за здравство Азир Алиу, откако на социјалните мрежи се појави видео снимка на која тој во чинија меша бела прашкаста материја, додека во разговор со уште едно лице, кое најверојатно го снимало видеото, зборува за „шмркање бело“.
Кузмановски, кој беше кадар на ВМРО-ДПМНЕ, во видео снимката зборува дека не сака некој неименуван дилер да му дава „измешана“ дрога и тоа го кажал веќе „пред две три години“.
„Ако е малце измешано, одма ти го враќам, ќе го фрлам. Јас не можам со спидо и амфетамини да шмркам бело, така?“ – се жали на соговорникот, Д-р Кузмановски.
Набргу по објавувањето на видео снимката, Министерството за здравство, соопшти дека Кузмановски бил разрешен од функцијата, без притоа да ја споменува видео снимката.
„Во најкраток рок ќе биде именуван нов директор согласно законските процедури. Работата на Клиниката продолжува непречено“ – се подвлекува кусо во соопштението.
ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека ја поддржува одлуката за разрешување на д-р Игор Кузмановски, повикувајќи ги институциите да постапат во согласност со законот и процедурите.
„Нашата заложба е правилата и законите да важат за сите подеднакво и управувањето на институциите мора да биде во согласност со вредносниот систем на одговорност за кој се залагаме и ќе продолжиме да се бориме“ – тврдат од владеачката партија.
