Венеција викендов е центар на светскиот џетсет каде се одржува ѕвездената свадба на основачот на „Амазон“, Џеф Безос, и Лорен Санчез. Своето присуство го потврдија Мик Џегер, Иванка Трамп, Опра Винфри, Кети Пери и Леонардо Дикаприо, а дел од нив веќе пристигнаа во хотелот „Аман Венис“. Околу 300 гондоли и пет најлуксузни хотели ги отворија вратите за 250 гости. На поканите кои ги добија пишува: без подароци донирајте пари во канцеларијата на УНЕСКО во Венеција. По две години со венчални прстени на рацете Безос и Санчес главната свеченост ќе ја одржат денес во историското место Арсенал во источниот дел од градот, според одредени шпекулации тие веќе се венчале на приватна церемонија со САД.
Но свадбата поттикна бројни активисти за човекови права кои протестираат против растечка нееднаквост во богатството и непочитување на жителите на градот.
„Тие ја уништуваат планетата, само заради бизнисот со пари. Зарем немаат внуци? Што им оставаат?“ праша Марио, жител на Венеција.
„За мене, во ред, нема толку многу врева. Тој рече дека тоа е најубавиот град на светот, тој даде донација за Венеција и нејзиното зачувување. Не гледам причина за оние кои се против бракот“ изјави Гвидо, жител на Венеција кој живее во Швајцарија.
Активистите, кои велат дека не ги сакаат парите на Безос, на главниот плоштад во Венеција поставија и транспарент со натпис „Ако можевте да ја изнајмите Венеција за вашата свадба, можете да платите и повеќе данок“, на кој имаше огромна слика од Безос. Но полицијата брзо го отстрани.
„Кога супербогат човек ќе пристигне со флота приватни авиони, рамнодушен кон климатската криза низ која поминуваме, изнајмува по свое задоволство град како Венеција, симбол на климатската криза и донира милион евра, а заработува повеќе од 300 милиони дневно“ рече активистката Сара.
Ретко кој од посетителите на Венеција со свои очи ќе го виде гламурот на венчавката, но туристите денеска имаа можност да ја видат фигурата во природна големина на Џеф Безос како лежи на џиновска кутија со натпис Амазон, а во рацете држи долари. Фигурата заврши во Големиот канал и лебдеше покрај гондолите и венециските водни автобуси. За сега нема коментари од свитата на Безос за протестите.
Билјана Ставровa
Jeff Bezos and Lauren Sanchez head off to a pre-wedding bash in a water taxi in Venice, Italy. 🇮🇹👰🏻♀️ pic.twitter.com/7Tefxr4voQ
— ExtraTV (@extratv) June 26, 2025