Вести Македонија Најважни

Мицкоски: Македонија ќе им помогне на САД за американскиот гас да стане конкурентен на рускиот во Европа преку гасоводот „Јужен тек“

Македонија ќе ѝ помогне на Америка, американскиот гас преку гасоводот „Јужен тек“ да дојде во Европа и да биде конкуренција за рускиот гас, затоа сме толку важни и стратешки партнер на САД рече премиерот Христијан Мицкоски во интервју на Конференцијата на конзервативците СРАС во Вашингтон, одговорајќи на прашањето на Кејти Мекфарланд, член на конференцискиот одбор како Македонија може да се вклучи ѝ да помогне Америка да стане доминантен снабдувач на енергенси во Европа и во светот.

„Ако САД извезуваат течен природен гас, кој го имаме во изобилие – евтин, безбеден и одличен, тој може да оди во Европа, менувајќи ја целата стратешка ситуација на Европа и на светот. Значи, објаснете ми многу брзо, како ќе го направите ова за нас?, праша Кејти Мекфарланд.

„Нема гасовод кој минува преку мојата земја и ние го градиме тој гасовод. Го градиме нашиот јужен интерконектор со Грција. Ќе започнеме да го градиме северниот интерконектор со Србија, практично користејќи го терминалот Александрополи. Американскиот гас ќе биде голема конкуренција за постојниот гасовод „Јужен тек“. Можеби сте свесни за „Северен тек“, но никој не зборува за „Јужен тек“, кој минува низ дното на Европа и носи руски гас. Американскиот гас преку овој гасовод што ќе поминува преку мојата земја, ќе биде голема конкуренција за рускиот гас во Централна и Западна Европа. Затоа сме многу важни и затоа сме стратешки партнери“, рече Христијан Мицкоски.

Мицкоски во интервјуто во неколку наврати ја спомена поддршката за претседателот Трамп и неговата администрација, а зборуваше за односите со ЕУ за промената на името, на знамето, за непринципиелните барања за промена на Уставот. Одговори и на прашањето какво е чувството да се биде единствен што му аплаудираше на потпретседателот на САД, Џеј ди Венс при неговиот говор на Минхенската безбедносна конференција, кога тој ја обвини Европа за напуштање на основните вредности – демократијата и слободата на говорот, ја нападна за политиката кон мигрантите, екскомуникација на крајната левица и десница, што европските мејнстрим политичари од најмоќните држави го оценија како мешање во внатрешните работи, а Русија, пак, го поздрави.

„Кажете ми какво е чувството да сте Македонец што ги поддржува политиките на Доналд Трамп, дури и пред да стане претседател, среде Европа која се чини дека се менува пред нашите очи?, праша Кејт Мекфарланд.

„За мене тоа беше историски настан. И според моето скромно мислење, не велам дека сум во право, можеби некои европски политичари ќе се налутат, но тоа беше многу инспиративен говор. Не бев во првиот ред, бев во вториот ред“, рече Христијан Мицкоски.

„Да, но вие бевте единствениот што аплаудираше. Сакам да посочам дека бевте единствениот што го направи тоа“, рече Кејти Мекфарланд.

Ова е втора посета на премиерот Христијан Мицкоски на САД за еден месец, со најава дека ќе бара поддршка од Америка за македонските евроинтеграции, иако дел од политичките аналитичари сметаат дека врските помеѓу Европа и Америка веќе не се исти.

„Јас не гледам сценарио во кое ЕУ и САД ќе продолжат да бидат едно, ќе продолжат да делат едни вредности. Тоа Трамп нема да го дозволи. Обидите на заеднички иницијативи се осудени на пропаст. Според мене, Трамп има стратегија дека светот треба да се врати назад на мултиполарни зони на влијанија“, рече политичкиот аналитичар Петар Арсовски воТоп тема“ на Телма.

Евроамбасадорот Михалис Рокас вчера рече дека САД се блиски партнери на ЕУ и доколку тие се подготвени да придонесат на некаков начин за забрзување на пристапувањето на земјите-кандидати во ЕУ, тоа е добродојдено. Сепак, додаде дека ЕУ ќе мора да одговори на јакнење на крајната десница и таквите наративи во ЕУ, но и во земјите-кандидати, вклучително и Македонија, по доаѓањето на Трамп за претседател во САД.

Емилија Мисирлиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Демонстратите на денешниот голем протест во Белград побараа предвремени избори

Дејан Дејан

„Марш за ангелите“ во Кочани – семејствата на трагично загинатите млади луѓе бараат одговорност од институциите

Дејан Дејан

Фараж: Албанија да си ги земе криминалците назад

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе