Вести Македонија Најважни

Министерството за правда работи на предлогот за разрешување на Коцевски, ВМРО-ДПМНЕ обвинува за конфликт на интереси

Процедурата за изготвување на предлогот за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски е во тек, велат од Министерството за правда за Телма. По што Владата ќе треба да го усвои на седница и да го пушти до Советот на јавни обвинители на разгледување. И додека се чека на предлогот, а Владата конкретно не откри за кои предмети Коцевски имал судир на интереси, на Фејсбук се огласи пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски. Коцевски, според него, ги прекршил нормите од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, бидејќи во работната група за надзор на Вишото обвинителство ја ставил обвинителката Лиле Стефанова.

Стефанова во поранешно СЈО постапувала во предметите „Поштенска банка” и „Драган П. Латас” и затоа Милошоски наведува дека не можела да врши надзор на истите предмети кај нејзините колеги од вишото обвинителство.

„Оваа одлука е дополнително контраверзна, бидејќи во моментот на ангажирање на Лиле Стефанова, обвинителот Коцевски знаел дека за неа се води истрага, како осомничена во предметот „Бонусите на СЈО” за незаконито примени 94.000€, предмет кој во втор степен по жалба се разгледувал токму во Вишото обвинителство Скопје, каде таа добила задача да врши надзор. Личниот интерес на обвинителката Лиле Стефанова како осомничена не можел, а да не влијае на нејзиниот надзор или притисок кон колегите во ВЈО Скопје. Останува дилема кој бил мотивот на Коцевски незаконито да поставува ЈО кои ќе си вршат надзор над сопствени предмети?! – Дали имал лукративен мотив или имал цел да ја заштити групата од СЈО од сомневања за незаконско работење во замена за нивната поддршка или можеби добил политички насоки?!.“, напиша Антонио Милошоски на Фејсбук.

Како аргумент, Милошоски објавува записник од судењето за „Поштенска банка“ на кој била присутна Стефанова и нејзиниот колега Бурим Рустеми.

Од обвинителството уште на 27 јануари соопштија дека Стефанова нема преземено ниту едно процесно дејствие во „Поштенска банка“, кое би било основ за нејзино изземање од надзор во Вишото обвинителство, туку овластување имал единствено Рустеми.

„На конкретното рочиште кое се посочува со записник, самиот записник потврдува дека обвинителот Рустеми бил присутен на рочиштето, кое патем воопшто и не се одржало, односно било одложено. Нагласуваме дека судењата се јавни и ниту еден јавен обвинител не е спречен да присуствува на рочиштата во кои постапува друг обвинител, а судијата редовно тоа го нотира на записник дури и кога присутниот обвинител не се јавува во својство на застапник на обвинението.Што се однесува до предметот во јавноста познат како „Бонусите во СЈО“, тој предмет ниту е предмет на надзор, ниту е опфатен со дисциплинската постапка. Сите овие околности јавната обвинителка Стефанова ги имаше предвид при своето постапување и од тие причини не може да има основ за каков бил судир на интерес“, соопштија од Јавно обвинителство на РСМ.

Дополнително, според обвинителството, комисијата за надзор била составена од тројца обвинители определени со редовен годишен распоред, кои согласно својата функција имаат надлежност и обврска да вршат контрола над работата на пониското обвинителство.

Коцевски изјави дека ќе се повлече од функцијата само ако се утврди дека направил тешка дисиплинска повреда, како што налага законот. Тој смета дека нападите против него почнале откако наредил да се направи надзор за тоа кои обвинители и зошто повлекувале жалби во Вишото обвинителство. Потоа следуваа дисциплински постапки за шефот на Вишото обвинитлество Мустафа Хајрулахи и неговиот колега Јове Цветановски. Вработени во обвинителството поднесоа и кривична пријава против Хајрулахи и се води постапка против него за злоупотреба на службената положба и малтретирање во вршење на службата.

Владата на 11 февруари донесе одлука да поведе постапка за разрешување на Коцевски. Советот на јавните обвинители откако ќе го добие предлогот ќе треба да одговори во законскиот рок од 15 дена.

Марија Митевска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Демонстратите на денешниот голем протест во Белград побараа предвремени избори

Дејан Дејан

„Марш за ангелите“ во Кочани – семејствата на трагично загинатите млади луѓе бараат одговорност од институциите

Дејан Дејан

Фараж: Албанија да си ги земе криминалците назад

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе