Вести Македонија Најважни

Како се одвивале подготовките пред убиството на Жежовски и грабнувањето на Ѓорчевска, откриваат камерите од домот на Манев

Ноќта пред да биде убиен 74 годишниот Панче Жежовски на 21 ноември 2023 година, четворицата обвинети во случајот, имале средба во домот на Велибор Манев кој живеел на иста улица со жртвата во Велес.

Тоа го покажуват видео записите од камерите на куќата на Манев кои на денешното рочиште обвинителството ги изведе како докази.

Во дворот на домот на Манев најпрвин пристигнува Видевски со автомобил Шкода фелиција, а по него доаѓа и Реното Кангу кое го управува првообвинетиот Љупчо Палевски Палчо, а на совозачкото место е исто така обвинетиот Влатко Кешишев.

Јасно се гледаат сите нивни ликови иако носат капи. За време на средбата во дворот во одреден момент, според обвинителството, Палевски, Видевски и Манев ги тестираат микрофоните на радио станицата од марката Моторола.

Обвинетите ќе се упатат и пешки во правец на куќата на Жежовски. Кешишев и Манев во меѓувреме ќе носат и туби и други предмети. Утредента рано наутро околу 6 и пол со Реното доаѓаат Палевски, Кешишев и Видевски повторно во домот на Манев.

Палевски е облечен во јакна со бели траки, а и Манев во тренерка со три бели траки.

Ова е од значење бидејќи на минатото рочиште беа презентирани видео записи од камери кај хотелот Романтик кај Велес каде беше забележано дека едно лице во Цитроенот, а друго во Реното на своите ракави имаат бели траки, рече пред судот обвинителката Ана Стојковиќ Димитровска.

Потоа се упатуваат накај домот на Жежовски кој го грабнуваат му го земаат Цитроенот и го убиваат на перферијата на Велес. Реното се враќа во домот на Манев во 13:38 часот. Времето од тргнувањето и враќањето на возилото се поклопува со периодот кога е убиен Жежовски.

Реното го има и утредента на камерите на домот на Манев, односно на 24 ноември кога првично и планирале да ја грабнат 14 годишната Вања Ѓорчевска, но задоцниле поради сообраќајниот метеж. Се гледа како Манев од реното вади две лопати.

Потоа вреќа за спиење во темно сина боја, која ја дипли и повторно ја враќа во возилото. Инаку при грбнувањето Ѓорчевска беше врзана и ставена во вреќа за спиење. Набрзо потоа по околу еден час ќе биде и убиена.

На претходните рочишта беа презентирани видео записи каде по убиството на девојчето во Реното кое се упатило накај седиштето на Десна, според обвинителството на возачкото место се гледа Палевски, а на совозачкото Манев.

Кога Манев се враќа дома во Велес истиот ден е забележан на неговите камери со џемперот кој го носи во Реното.

Сивиот цемпер со црна трака со кој што истиот беше забалежан на камерите од Сејф сити како совозач на Реното кангу. Практично ова е времето откако во Скопје е извршено и грабнувањето и убиството на починатата Вања на 27.11.2023 година, посочи обвинителката Жаклина Крстевска Јосифовска. 

Видевски подоцна ќе дојде во дворот на Манев каде ќе разговараат што значи дека двајцата обвинети и по настанот имале комуникација.

Палевски реагираше дека снимките не се веродостојни и манипулирани и последен пат бил со другите обвинети на 5 мај 2023 година. Јас себе си не се препознавам, рече Палевски.

Адвокатите на Палевски предложија тројца сведоци и побараа да се испита и нивниот клиент.

Ќе сведочат и останатите обвинети. Најпрвин Маневски, потоа Видевски, Кешишев, таткото на девојчето Александар Ѓорчевски и на крајот Палевски.

Судењето продолжува на 26 февруари со првиот сведок на одбраната на Палевски.

Марија Митевска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Демонстратите на денешниот голем протест во Белград побараа предвремени избори

Дејан Дејан

„Марш за ангелите“ во Кочани – семејствата на трагично загинатите млади луѓе бараат одговорност од институциите

Дејан Дејан

Фараж: Албанија да си ги земе криминалците назад

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе