Секое решение мора да ја почитува независноста на Украина, нејзиниот суверенитет и територијален интегритет, поддржани со силни безбедносни гаранции. Ова на специјалниот американски пратеник за Украина и Русија, генерал Кит Келог, му го соопштила претседателката на Европската комисија, Урсула фон дера Лајен, на средбата која ја имаа, додека во Ријад се одржуваше средба на високо ниво меѓу САД и Русија за завршување на војната во Украина, но и еден ден откако лидерите на влијателните европски држави одржаа средба за Украина, откако САД најави преговори со Русија за иднината на Украина, без присуство на Киев и Брисел.
„Сакаме да бидеме партнери со САД за да обезбедиме праведен и траен мир за Украина. Сега е критичниот момент“, напиша Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија (ЕК), на платформата „Икс“.
Фон дер Лајен на средбата му пренела на американскиот специјален пратеник дека ЕУ досега обезбедила финансиска и одбранбена стабилност на Украина, повеќе од кој било друг сојузник, со вкупна поддршка од 135 милијарди евра од кои 52 милијарди долари воена помош, што е еднакво на американската помош. Претседателката на ЕК на Келог му ги предочила плановите на Европа за зголемување на производството и трошоците за одбраната, зајакнувајќи ги и европските и украинските воени капацитети, дека ЕУ го носи својот целосен дел од воената помош за Украина и подготвена е да направи уште повеќе.
Келог ден порано изјави дека не мисли оти е разумно и изводливо сите да седат на маса. Тој по Фон дер Лајен разговараше и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.
Во меѓувреме, министрите за европски прашања на членките на Унијата се собраа во Полска, каде меѓу другото разговараа и за Украина, откако лидерите на членките на ЕУ вчера во Париз се согласија дека и тие мора да учествуваат во разговорите меѓу САД и Русија за ставање крај на војната во Украина.
„Полскиот и европскиот став е дека не може да има праведен и траен мир без Украина. Значи, првенствено, Украина мора да учествува во мировните преговори и, секако, бидејќи тоа директно влијае врз Европа и Европа треба да учествува во секој еден разговор“, изјави Адам Шлапка, министер за ЕУ на Полска.
Германската министерка за Европа, Ана Лирман пред состанокот изјави дека на Европјаните, како и на Украина, им треба место на масата кога станува збор за прашањата за безбедноста и за мирот во Европа.
„Се работи за нашиот мир, нашата безбедност, нашиот суверенитет. Европа не смее да стане топка за игра на Трамп и Путин“, изјави Ана Лирман, министерка за Европа на Германија.
Од страна на Украина, која учествуваше на состанокот, денеска беше соопштено дека по вчерашниот состанок во Елисејската палата на Франција, Германија, Велика Британија, Италија, Шпанија, Холандија, Данска, НАТО и ЕУ, претседателот на Украина, Воломидир Зеленски, телефонски разговарал со домаќинот на средбата францускиот претседател, Емануел Макрон, при што бил информиран дека во ЕУ се води активна дискусија за европските трупи на теренот за гарантирање на безбедноста на Украина.
„Внимателно ги следиме случувањата на американска страна, но сигурен сум дека Европската унија, иако се двоуми за многу прашања, сепак ќе биде доволно силна да ѝ помогне на Украина да надвладее“, изјави Олха Стефанишина, министерка за европски прашања на Украина.
Притоа таа соопшти дека договорот кој и го понуди САД на Украина за нејзините минерални богатства е сè уште на маса и оти се разговара за него.
„Ние очекуваме дека тој ќе биде потпишан“, додаде Стефанишина.
Инаку тричасовната средба во Париз вчера заврши без заедничка став за можни мировни трупи во Украина, иако генералниот секретар на НАТО, Марк Руте по средбата соопшти дека Европа е подготвена и има волја да се активира, да преземе иницијатива за да ѝ овозможи безбедносни гаранции на Украина.
Тамара Грнчароска