Зголемување на процентот на именувани амбасадори кои се дипломати од кариера, подолг мандат, но и повисоки плати.
Ова се предвидува со Предлог-измените на Законот за надворешни работи. Министерот Муцунски денеска информираше дека предлогот веќе е доставен до Владата. На една од следните владини седници, решението ќе биде усогласено и испратено во Собрание.
Со измените на законот ќе се отфрли можноста претседателот на државата да потпише указ за испраќање амбасадори без да се испочитува соодветната процедура во Собранието.
Законот ќе се носи во редовна постапка и транспарентно, уверува Муцунски.
Со предлог-измените на законот се предвидува мандатот на упатените дипломати во ДКП да биде до 4 години, наместо согласно постоечкото законско решение каде што мандатот е до три ггодини. Во законот предвидуваме интервенција и во делот на примањата и платите на дипломатите. Поради растот на цените и поскапувањето на кириите за станови каде што имаме свои ДКП, новиот закон предвидува минимална корекција на коефициентите за плата и трошоците за живот на дипломатите во странство, Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија.
Пред еден месец, во „Службен весник“ беа објавени указите кои ги потпиша претседателката на државата Гордана Сиљановска – Давкова, за отповикување на седум амбасадори од функцијата.
Тоа е редовна процедура бидејќи им истекува мандатот, а сега во тек се консултации и за брзо време се очекуваат одредени кадровски решенија на испразнетите позиции.
Имиња не се откриваат затоа што тоа е строго регулиран и доверлив процес.
Проверките за поранешниот амбасадор во ОН, Љубомир Фрчкоски сѐ уште траат, а Муцунски тврди дека постојат сериозни индиции за злоупотреба на јавни буџетски средства.
Точна цифра министерот не сподели, но кажа дека е спроведена внатрешна постапка во МНР.
По однос на поранешниот амбасадор Фрчкоски, имаме сериозни индиции. Спроведена е внатрешна постапка во рамките на министерството. Информациите коишто стигнаа до мене се навистина многу загрижувачки. Од тоа што го видов, се изразувам многу дипломатски кога велам дека сум загрижен. Вакви состојби не смеат да се повторуваат како што се повторувале во последните години. А, посебно кога индициите нѝ укажуваат дека штетата е во шест цифри во евра, вели министерот за надворешни работи, Муцунски.
Муцунски најави дека во најскоро можно време ќе бидат пополнети сите клучни амбасадорски позиции.
Дополнително, во 2025 година целта е да бидат пополнети и сите дипломатско конзуларни претставништва.
Петар Догов