Замислени и ожалостени лица, се палат свеќи, се бараат одговори, но и одговорност. Знамињата на половина копје. Србија е во жалост за 14-загинати лица во уривање на масивната бетонска натстрешница на железничката станица во Нови Сад.
Меѓу загинатите и македонскиот државјанин Васко Саздовски, 45-годишен научник од Свети Николе, кој нешто повеќе од една година работел во новосадскиот Институт „Биосенс“. Поради ангажманот во странство, тој, речиси, секој викенд го користел да се врати во Македонија и да го мине со сопругата и двете деца. Таков му бил планот и вчера, на кобниот 1 ноември, но останал заробен под купот бетон и железо.
Српското обвинителство отвори истрага за причините за несреќата. На сослушување се повикани 20 лица за реконструкцијата на железничката станица во Нови Сад чии работи ги изведуваа две кинески компании.
Српскиот претседател Александар Вучиќ, во јавното обраќање, изрази сочувство до семејствата на загинатите и изрази надеж дека ќе се извлече поука од трагичниот настан. Според него, натстрешницата не била дел од неодамнешното реновирање и најави политичка и кривична одговорност за трагичниот настан.
Зоран Џаиќ, инжењер по геологија, кој до март во 2023 година работел на реконструкција на зградата на железничката станица во Нови Сад, за Н1 вели дека се вршеле работи на натстрешницата и оти не се точни тврдењата на надлежните и ресорниот министер Весиќ.
Џаиќ вели дека испратил дописи на неколку адреси, барајќи отстранување на мермерните плочи на фасадата на објектот, но и да се провери што има зад нив. Но, како што додаде, никој не одговорил.
Железничката станица беше реновирана двапати во последниве години, а критичарите на власта во Србија ја припишуваат катастрофата на корупцијата и невештото реновирање од страна на администрација на Вучиќ. Властите во Србија пред несреќата не ги откриваа ниту цената, ниту проектот за реновирање на железничката станица по барање на кинеските компании. За денеска најавија протестираат пред станицата во Нови Сад, со барање за одговорност за трагичниот настан кој однесе 14 човечки животи.
Сашко Димовски
