Равманоски повторно зад решетки, но бранувањата од неговото помилување не стивнуваат. Кривичниот суд му одредил притвор за застреланиот чаирчанец од пред 10 дена, откако се крена алармот дека припадник на наркокланот Барон е помилуван од претседатeлката.
Министерот Игор Филков ја наметнува дилемата за промени во комисијата за помилување. Вели и дека минисерството за правда не помилува, туку може да даде само препорака за намалување на казната од еден до шест месеци, до комисијата кај претседателката. Во неа правда има еден член кој не гласа.
„Она што јас како министер за правда го сметам е дека можеби е време да дојде до одредено освежување во комисијата. Институтот помилување е многу важна работа во државата. Не смееме да дозволиме да биде предмет на политички игри и препукувања, а нас тоа ни се случува. Еднаш веќе осудени лица треба да ги упатиме на ресоцијализација. Не можеме повторно да ги судиме во јавноста“, изјави министерот за правда, Игор Филков.
А, Правда и за Равманоски и за останатите кандидати за помилување не дале препорака. Тоа беше и една од забелешките на комисијата дека не им помага во филтрирањето на оние кои треба да бидат помилувани. Професорите Методиja Каневчев и Гордан Калајџиев, претседател и член за комисијата за помилување, вчера за Телма рекоа дека немале информации дека Равманоски е лидер на клан, а одлуката за да биде помилуван ја донеле пред да се случи оружениот инцидент во Чаир. Да знаеле за ова веројатно немал да добие зелено светло од нив. Сметаат дека нападите се неосновани и со политичка позадина.
Несериозни се изјавите дека не знаеле кого помилуваат, тоа е навреда и потценување на граѓаните реагираат од СДСМ и бараат одговорност и разрешувања.
„Кој го нарача ослободувањето на криминалците и нарко-босовите? ВМРО-ДПМНЕ и Сиљановска – Давкова имаат обврска да излезат пред граѓаните и да одговорат на овие прашања, затоа што тоа и го должат на јавноста. Мора да има одговорност за скандалозните помилувања. Граѓаните заслужуваат вистинска одговорност и сериозен однос кон нивната безбедност“, истакна Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
Помилувањата низ годините често предизвикуваат реакции во јавноста. Претседателските дискреции за помилувања се широки. Најбурни реакции предизвикаа масовните аболиции на Иванов, чии последици сè уште демнат преку судот за човекови права во Стразбур. Власта предводена од СДСМ подготвуваше закон со кој шефот на државата ќе може да помилува само правосилно осудени лица, а не и додека се води истрага или судење. Законот влезе во Собрание, но до изборите не помина.
Елена Ивановска Мукоска
