Уставни измени е обврската која се очекува Македонија да ја исполни за да го продолжи патот кон полноправно членство во ЕУ. Ова е пораката која ја испорача денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, по средбата со премиерот Христијан Мицкоски, која недвосмислено кажа дека тоа е обврската која ја презела земјава.
„Ние имаме многу јасна цел пред себе, а тоа е да го отвориме Кластерот фундаменти најбрзо што е можно. Речиси сме таму. Знаеме дека се работи за уставните измени на кои вашата земја се обврза дека ќе ги спроведе. И на секој чекор сега ќе бидат потребни заеднички напори, соработка и дијалог, и се надевам дека сите политички сили во змејата ќе се обединат да го донесат овој одлучувачки чекор за придвижување и уверена сум, исто како вие, дека ќе ја надминеме пречката која се уште постои“, изјави Фон дер Лајен.
Таа притоа рече дека Европската комисија ќе и помогне на земјава да ги спроведе обврските кои што Македонија ја презела како суверена држава на секој чекор од патот и дека земјава може да смета на неа.
„Работам најнапорно што можам за да можеме да ги отвориме преговорите за Кластерот фундаментални вредности, како краткорочна цел која треба да ја постигнеме сега. И секако уставните измени на кои треба да се работи за мене се многу важни и секако се во интерес на Северна Македонија“, изјави Фон дер Лајен.
За Фон дер Лајен многу е важно да не се гледа во минатото, туку во иднината за да се постоигне зацртаната цел.
Премиерот Мицкоски од своја страна пак рече дека визијата на Макеоднија е јасна, да биде дел од европското семејство и да ги споделува европските вредности.
„Но, очекуваме Европската Унија заедно со нас да помогне во изнаоѓањето на начини како да го продолжи нашиот европски интегративен пат, истовремено уважувајќи ги легитимните ставови на нашите граѓани дека во иднина нема да се соочуваме со барања кои се во длабока спротивност со идеите на кои што почива самата ЕУ“, изјави Мицкоски.
Мицкоски не одговори конкренто, дали во Европската комисија има расположение за владиниот план за устави измени со одложено дејство и дали добил гаранции дека доколку уставните измени се случат нема да има дополнителни барања до земјава, велејќи дека фон дер Лајен била многу јасна во својата изјавата и дека земјава треба да работи напорно за да се дојде до целта, односно членство во ЕУ.
„Ние како влада ќе продолжиме и понатаму да ги спроведуваме европските вредности. Ќе направиме се што е потребно од наша страна да ја доближиме Европската унија до граѓаните. Но истовремено да бидат зачувани гордоста, достоинството, да не бидат понижени и да не бидат поразени. И мислам дека ако направиме една убава синергија, на сето ова за кое што зборував, како одговор на вашето прашање, мислам дека ќе дојдеме до конечната цел, а конечната цел е да бидеме дел од, што е можно поскоро, Европското семејство“, изјави Мицкоски.
Фон дер Лајен во Скопје го уверуваше Мицкоски дека проширувањето ќе остане врвен приоритет за Европската комисија во идините пет години посочувајќи го притоа како алатка која ќе помогнат во тоа, Планот за раста за Западниот Балкан со кој се предвидени 760 милиони евра во идните четири години, од кои првата транша од 52 милиони евра ќе стигнат до крајот на годинава. Притоа Фон дер Лајен ја пофали Македонија дека направила одлична работа и оти има одлична реформска агенда.
Тамара Грнчароска
