„Да покажеме на целиот свет дека можеме да бидеме подобри и посилни“ е пораката на претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба.
По интонирање на химната и изведби на родољубиви песни на Хорот на македонската опера и балет, како единствен говорник на Свечената академија организирана по повод државниот празник, Мицкоски се осврна на историските моменти и значењето на денот, со кој се оддава должна почит за сите жртви и напори кои се дадени во борбата за самостојност и организираното делување во насока стекнување на независност, слобода и удирање на темели на сопствена македонска држава.
– Историјата треба да зближува, а не да разединува. Затоа сакам овој ден да го славиме сите и левата и десната страна од политичкиот спектар, затоа што ВМРО е и нивна историја, затоа што и тогаш имало поделба на леви и десни. Сакам ова да биде празник на сите граѓани, заради сполетонста која ја демонстрирале тогаш сите од различни краеви на Македонија без разлика на етничката припадност“, истакна македонскиот премиер Христијан Мицкоски.
Говорејќи за предизвиците со кои се соочува државата, премиерот не изостави да ја спомене ЕУ, велејќи дека билатералните проблеми не оддалечиле од патот кон неа. Рече дека ќе иницира проект со МАНУ како стратегија за развој на приоритетите за развој на државата, по што ќе побара широк партиски консензус за прифаќање. Историјата може многу да не научи и стратешкото планирање може многу да ни помогне во периодот којшто следи, рече Мицкоски.
– Проект кој ќе биде сеопатен и преточен во стратегија до 2050 година, со кој ќе се прецизираат приоритетите на развој на државата, демографските предизвици, економските цели и како да се стигне до нив, земјоделски и технолошки развој, енергетски и транспортен развој итн, рече македонскиот премиер.
Честитка до граѓаните по повод Денот на македонската револуционерна борба преку социјалните мрежи упати и претседателката на државата, Гордана Сиљановска Давкова, која порача да не заборавиме дека државноста е тешко стекната, дека не ни е подарена и треба да се брани со демократски инструменти, наместо со оружје, како некогаш.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши пак порача дека значајните датуми од историјата на нашите народи се наш потсетник дека треба да дејствуваме сплотено во градење современа и просперитетна држава.
По повод Ден на македонската револуционерна борба повеќе делегации положија свежо цвеќе пред споменикот на основачите на Македонската револуционерна борба.
Данијела Билбилоска
