Сто онколошки пациенти веќе два месеца чекаат скен на коски. Од Институтот за патофизиологија, каде се врши снимањето, им кажале на пациентите дека нема да се направи испитувањето, бидејќи немаат изотопи. Се додека не се направи потребната снимка, пациентите се без терапија, онколозите не знаат како да го продолжат лекувањето, а тоа ја влошува здравствената состојба на пациентите. Од здружението „Хема-онко“ нагласуваат дека мора да има континуитет во терапијата.
„Тоа значи дека пациентите се испратени од Клиниката за онкологија, меѓутоа не можат да бидат снимени бидејќи нема изотопи. Проблемот во изминатите два месеца е дека 100 пациентки кои се со печати и чекаат да бидат прегледани за да знаат нивните онколози како да го продолжат лекувањето во овој момент не можат да го добијат тоа снимање. Во принцип за секој кој е на терапија, одовлекувањето не носи позитивен исход“, вели Ана Марјановиќ од здружението „Хема-онко“.
Министерот за здравство Таравари вели дека со овој проблем не бил запознат. И дека тоа не е под негова надлежност, но ќе види дали и како може да интервенира.
Онколошките пациенти се жалат и на немање современа терапија и термини за скрининг и дијагностика на болеста. Министерот Таравари, пак, го тврди спротивното.
„Ова се ресурсите што ги имаме јас мислам дека во Македонија најмалку се чека за магнетна и мамографија во однос на државите околу нас“, изјави Арбен Таравари, министер за здравство.
Помина една година од скандалот на Онкологија, министерот Таравари вели дека во моментот се работи на децентрализација на Онкологија. Тој најави дека се работи во болницата „8 Септември“, и се надева дека за месец и пол таму ќе почне да се дават терапии. А објасни дека во Тетово, Битола и Штип веќе се дава онколошка терапија. Министерот очекува дека со децентрализација ќе се намали притисокот на клиниката.
Тамара Марковска
