Вести Македонија Најважни

Биолошка терапија имало за само четвртина онколошки пациенти – извештај на ДЗР за Онкологија за 2023 година

Сите онколошки пациенти кои би можеле да ја користат биолошката терапија, истата не ја добиваат, односно пари има само една четвртина од нив, може да се заклучи од последниот извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР) за работата на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија. Лани за набавка на биолошката терапија биле одобрени речиси 21,5 милиони евра, но, иако има зголемување за двојно на средствата за оваа намена, тие не се доволни.

„Од добиените податоци пациенти кои терапијата ја примаат во дневна болница чиј број во 2023 година изнесува 54.423 утврдивме дека само 24% се приклучени на биолошка терапија“, се вели во извештајот на Државниот завод за ревизија.

Иако од лани се изготвени и се применуваат повеќе протоколи/упатства за дијагностика, третман и следење на онколошки пациенти во кои како терапија е вклучена и биолошката, сè уште не се одобрени од министерството за здравство.

Три линеарни акцелератори се функционални на клиниката која е единствен центар од областа на радиотерапијата. Во просек опслужуваат 180 до 200 пациенти дневно.

Иако клиниката располага со уште два, тие не се ставени во употреба. Првиот набавен во 2014 година во вредност од околу 47.000 евра се очекува да биде функционален до крајот на годинава. Вториот дониран во 2016 година сè уште собира прашина и неотпакуван е, а за негово чување во царинско складиште се плаќаат годишно по 3.000 евра.

Единица за централна подготовка на цитостатска терапија, односно KATO системот, исто така, се уште не е во функција. За негова набавка се дадени околу 162.000 евра, а лани биле детектирани проблемите.

„Системот е делумно опремен. Недостасуваат клучни компоненти, а просторот не е адаптиран за стерилно работење. Дополнително, подготовката на терапијата со овој систем трае подолго време, што ќе го зголеми времето на чекање за апликација на терапија, Клиниката нема доволен број фармацевти за работа со системот, а потребни се и дополнителни средства од околу 8 милиони денари годишно за потрошен материјал“, наведуваат од Државниот завод за ревизија.

Годинава министерството за здравство спровело тендер за набавка на делови потреби за да се стави системот во употреба, но не била поднесена ниту една прифатлива понуда.

А министерот Таравари извештајот не го видел, додека директорот на клиниката Игор Стојковски изготвил акциски план.

Ревизорите откриле и дека клиниката во 2023 година примила донирани лекови вредни над половина милион евра кои ги немало во финансиската евиденција.

Марија Митевска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Повеќемина паднаа на тестови за дрога, добија откази – француската влада ги тестираше вработените во министерствата и високите државни службеници

Sasko Dimovski

Судскиот процес против Мадуро закажан за 1 јуни во 2027 година во Њујорк

Sasko Dimovski

Скопските општини ќе формираат комисии за пријавување на штети од невремето

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе