Вести Македонија Топ вести

„Жално е да се остави оваа држава вака“ – пензионирани пилоти назад во службата за гаснење пожари

„Бевме потребни и се вратив од пензија“ – ова се зборовите на пилотот Стоје Арсовски. Тој иако може мирно да ужива во слободното време, сепак им се врати на авионите за да ги спаси македонските планини од пламенот, заедно со уште еден пензиониран колега.

Одамна престанал да ги брои пожарите на кои интервенирал од воздух. Но, најстрашните моменти ги памети – кога од високо сведочел како горат нечии куќи.

Секоја година губиме природно богатство, а летово најстрашна е сликата на планината Серта.

„Сега кога имавме акции со летала од други земји, кај нас дојдоа два авиона од Турција, исто вакви ер-трактори. и со пет авиона настапувавме таму на пожарите. Тоа имаше многу голем ефект, значи навистина. Серта е огромен простор, повеќе е грмушки и трева. Ама сѐ е изгорено. Сѐ! Тотално сѐ е изгорено таму. Толку голем простор е тоа, па и илјада авиони да имаш не можеш да го покриеш тоа“, кажа пилотот Стоје Арсовски.

Овие авиони вака стојат приземјени, но не за долго. Секојдневно се над оние непристапни терени и исфрлаат вода.

Ер-тракторите се на Дирекцијата за заштита и спасување, а засега два се во функција.

„Македонија има три вакви летала на располагање. Од внатре од кабината, пилотите имаат темелна прегледност на сето тоа што го предизвикува огнената стихија. Најлошо е, велат, кога гледаат како горат куќи.

Хеликоптерите се поефикасни во една ситуација, авионите во друга. До три тони вода собира еден ер-трактор, пред да се интервенира на пожар.

„Собира околу три тона, но сѐ зависи колку гориво има – да не се оптовари. Од два ипол до три тона. Хеликоптерот си има свои карактеристики, а авионот свои. На пример, таму каде што немаме езеро во близина ги приклучуваат хеликоптерите бидејќи тие наоѓаат рекички, бари, мали езерца и се поефикасни. Кај што има езера тогаш сме ние поефикасни, така што не можеме да кажеме дека овие се подобри или оние се подобри – сѐ зависи од ситуацијата и од потребите“, вели пилотот Арсовски.

Ако за брзо време нема вложувања во кадарот и во инфраструктурата, се заканува уште поопасна ситуација, алармираат пилотите.

„Па видете, за да заврши сега еден пилот и да дојде до комерцијална лиценца и да може да дојде овде да лета му требаат доволен број на часови, а да ја земе лиценцата кошта од 70 до 80 илјади евра и плус тренинг. околу 100.000 евра треба да вложи за да може да дојде на ер-трактор. Истата цена е и за да отиде на патнички авиони. И сите одат на патнички. Полесно, побезбедно и поубаво. Кафе, чај, сок“, изјави пилотот Арсовски.

Секое лето е карактеристично за себе во однос на пожарите, но речиси секогаш човечкиот фактор е причина за кризата, потенцира пилотот Арсовски.

Од оние кои заедно со пожарникарите се први на огнот на непристапен терен, испратена е порака до полицијата – ловете ги и фаќајте ги потпалувачите на оган, клучниот фактор за големите пожари.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Пукање во центарот на Штип- еден повреден, напаѓачот во бегство

Дејан Дејан

Политички актер кој прифатил сервилност во Владата, вака Села ги коментира изјавите на Таравари

Дејан Дејан

Американецот Роберт Превост е новиот папа со името Лaв XIV

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе