Иранските власти испратија порака до официјален Вашингтон преку Швајцарија, предупредувајќи дека американски бази ќе бидат цел на ирански напади доколку САД ја поддржат израелската одмазда за ноќните воздушни напади на иранските вооружени сили, објави денеска иранската државна телевизија.
Иран, исто така, го предупреди Израел дека ќе биде изложен на поголем напад доколку се одмазди за ноќните напади. „Ако Израел возврати на Иран, нашиот одговор ќе биде многу посилен од синоќешните воздушни напади“, изјави началникот на Генералштабот на иранската армија, генерал-мајор Мохамад Багери.
Тој повтори дека Техеран го предупредил Вашингтон дека каква било поддршка за израелската одмазда ќе резултира со напади врз американските бази.
Палестинската милитантна група Хамас денеска соопшти дека иранскиот напад врз Израел е „природен и заслужен одговор“ на бомбардирањето на конзулатот во Дамаск.
Сè уште не е донесена одлука за одговорот на Израел на иранскиот напад со ракети и беспилотни летала минатата ноќ, изјави неименуван израелски функционер за израелски медиуми. За потенцијалниот одговор ќе се разговара денеска на седницата на израелскиот воен кабинет закажана за 15 часот.
Израел утрово го отвори својот воздушен простор, кој беше затворен поради ирански напад со околу 300 проектили и борбени дронови, јавуваат израелските медиуми.
Портпаролот на ИДФ Даниел Хагари утринава изјави дека израелската противвоздушна одбрана пресретнала 99 отсто од околу 300 ирански ракети лансирани кон Израел.
Иран минатата ноќ лансираше стотици беспилотни летала и проектили кон Израел, а Техеран објави дека нападот е извршен како одмазда за нападот врз иранскиот конзулат во Дамаск во кој загинаа високи офицери на Иранската револуционерна гарда.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека во текот на изминатата ноќ извршиле напади врз позициите на припадниците на елитните единици Радван на Хезболах на југот на Либан.
Во соопштението се наведува дека биле погодени објектите што ги користела оваа проиранска милитантна група,.
Нападите во јужен Либан дојдоа како одговор на околу 40 ракети истрелани од Хезболах врз северен Израел во текот на ноќта, додека иранскиот беспилотен и ракетен напад врз Израел продолжи.
Кабинетот на јорданскиот премиер Бишер Ал Касауни соопшти дека армијата на Јордан, земја соседна со Израел, пресретнала неколку летечки објекти во нејзиниот воздушен простор за време на синоќешниот напад на Иран врз Израел со цел да се осигура безбедноста на своите граѓани.
„Некои шрапнели паднаа на неколку места за тоа време, без да предизвикаат значителна штета или повреди на граѓаните“, се вели во соопштението.
Јордан се наоѓа меѓу Иран и Израел и синоќа го затвори својот воздушен простор, а утрово е обновен воздушниот сообраќај.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен го осуди воздушниот напад на Иран врз Израел. Во објава на мрежата Х утринава, фон дер Лајен го повика официјален Техеран веднаш да ги прекине воздушните напади.
„Силно го осудувам бесрамниот и неоправдан напад на Иран врз Израел и го повикувам официјален Техеран и неговите претставници веднаш да ги прекинат овие напади“, наведе Фон дер Лејен.
Таа изјави дека „сега сите актери мора да се воздржат од понатамошна ескалација“ и да работат на враќање на стабилноста во регионот.
По иранскиот воздушен напад врз цели во Израел, окружните команди на израелските одбранбени сили објавија дека воведуваат привремени безбедносни мерки. Најавено е прекин на наставата во училиштата ширум земјата, а ќе им се овозможи „нормална работа“ на компаниите со пристап до засолништа во случај на напад.
Тие правила ќе останат во сила до понеделник во 23 часот, кога учениците во Израел ќе го започнат распустот за празникот Пасха.
Во Појасот Газа и областите долж границата со Либан, јавните собири се ограничени на 300 луѓе за собири во затворени простории, односно 100 во Газа и 30 во граничната област со Либан за собири на отворено.
Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант објави, откако Иран минатата ноќ лансираше стотици беспилотни летала и балистички проектили кон Израел, дека Израел успеал да го запре главниот ирански напад, но исто така предупреди дека „кампањата не е завршена“ и дека израелските сили мора да се подготват за каков било сценарио.
По проценката на ситуацијата со премиерот Бенјамин Нетанјаху и министерот за воен кабинет Бени Ганц, Галант во видео пораката рече дека „Израел го издржа ноќниот напад на стотици ракети и беспилотни летала и дека иранските одбранбени сили (ИДФ) го запреа нападот во импресивен начин“.Тој ја пофали и соработката со САД и другите партнери.
„Кампањата сè уште не е завршена. Мораме да бидеме будни и внимателни на инструкциите на командата на ИД и да се подготвиме за секое сценарио“, рече израелскиот министер за одбрана.
Иранската мисија во ОН на својата сметка на мрежата X објави дека смета дека воената акција на иранските вооружени сили против Израел е легитимна и започната во согласност со член 51 од Повелбата на ОН, како одговор на израелскиот напад врз иранскиот конзулат во Дамаск.
„Што се однесува до нас, ова е готово и оваа работа може да се смета за завршена. Доколку, пак, режимот во Израел ја направи следната грешка, одговорот на Иран ќе биде многу посериозен“.
