Чешките власти соопштија дека утврдиле смрт на 14 лица во масакрот на Универзитетот во Прага. Дел од загинатите се идентификувани.
- Досегаа идентификувавме 11 починати и работиме на утврдување на идентитетот на другите жртви. Очекуваме завршување на првичните операции на местото во утринските часови, соопштија од полицијата на мрежата Икс.
Уште 30 лица се повредени, а здравствените институции соопштија дека состојбата на ранетите е стабилизирана иако неколкумина се во тешка состојба.
Убиецот ги застрелал своите жртви во глава, грб и во гради. Преживеаните од Филозофскиот факултет раскажуваат дека убиецот се шетал од предавална во предавална и пукал во луѓето кои ќе ги начекал внатре.
- Се спуштивме кат подолу и се сокривме во една училница. Легнавме под клупите. Од 4-тиот кат се слушаа истрели. Постојано. Личеше на егзекуција. Потоа се појавија полицајци со автоматски пушки и бевме евакуирани од зградата, раскажала студентка за чешките медиуми.
Убиецот е елиминиран, а пред да биде застрелан со оружјето од терасата на факултетот пукал кон минувачи на мостот кој води кон факултетската зграда.
Полицијата сега истражува дали тој е поврзан со двојно убиство извршено во шума-парк во блозина на Прага кога биле убиени двомесечно бебе и нејзиниот 32-годишен татко. Полицијата има докази кои ги поврзуваат двојното убиство и масакрот во Прага. Претходно убиецот Давид К. 24-годишен студент на факултетот каде се случи масакрот, излегол од својата куќа во селото Кладно кај Прага, каде е најдено телото на неговиот убиен татко.
Чешката влада прогласи ден на жалост во сабота. Масакрот во Прага е злосторство со најмногу жртви во Чешка.
