Вести Македонија

Предизборен период што се користи за бирање кандидати

Паралелно планирање на претседателските и на парламентарните избори. Овие месеци партиите мора да решаваат и за едното и за другото бидејќи со 2024-та доаѓаат и редовните термини за двата изборни циклуси.

Претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски ќе биде носител на кандидатската листа во изборната единица 1. За другите единици, не ги открива адутите.

-Јас сум роден во Скопје, тука сум израснат, живеам во општина Карпош, а таа е дел од Изборната единица 1. Логично е тоа да биде единицата во којашто би ја предводел листата на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата, изјави лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју за „Република“.

Во СДСМ се свесни за ветувањето кон ДУИ за премиер – Албанец во техничката Влада на 100 дена пред избори. Мошне е веројатно тоа да биде Албанец кој не е член на ДУИ. Мистерот Фатмир Битиќи од редовите на СДСМ не би одбил ваква понуда.

-Ако општествениот консензус и моментум побара од мене да служам на позицијата премиер, би го прифатил предизвикот. Но, тоа не е единствената цена што сум влегол во политиката. Секој ќе каже дека треба да имате амбиции. Јас велам дека амбиција ми е да му служам на граѓанинот. Ако се побара да служам како премиер, спремен сум да одговорам на највисоко можно ниво, рече министерот Фатмир Битиќи во интервју за „Слободен печат“.

Двете партии интензивно размислуваат за претседателски кандидат. Од ВМРО ДПМНЕ се очекува втора шанса за професорката Гордана Сиљановска-Давкова, но формално – кандидат ќе се бира традиционално на конвенција кон крајот на јануари или почетокот на февруари.

И во СДСМ тече внатрепартиска анкета. Најголеми шанси јавноста му дава на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој би бил заеднички кандидат на владеачката коалиција иако не е исклучено втор мандат да му се понуди на Стево Пендаровски.

Во претседателската трка има намера да се вклучи и „Европскиот сојуз за промени“ на трите опозициски партии на Албанците.

-И Албанците како втора заедница заслужуваат да имаат свој кандидат и да влезат во битката за највисоката функција во државава. Со добар кандидат што ќе биде дополнителна вредност на таа изборна трка. Тоа ќе биде наш придонес за демократските процеси во Македонија и мислам дека ќе бидат клучни гласови и за претседателски но и за парламентарни избори, рече претседателот на Демократско движење Изет Меџити при гостувањето во Топ тема.

Термините за избори `се уште не се познати. Власта смета дека треба на пролет да имаме претседателски а в лето парламентарни. Опозицијата бара заеднички термин во мај. Спикерот Талат Џафери им даде рок да се договорат до Нова Година. Потоа, најави дека самиот ќе преземе одговорност и ќе ги распише изборите согласно Уставот и Изборниот законик.

Соња Николовска

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Финскиот претседател: ЕУ треба да се стреми да го зголеми бројот на 40 членови

Kristina Kuzmanovski

ДКСК отвори предмет за неправилностите во ИЈЗ: Под лупа набавки, вработувања и трошење јавни пари

Kristina Kuzmanovski

Грција најави можност за привремено суспендирање на ЕЕС на граничните премини поради големите гужви

Kristina Kuzmanovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе