Вести Македонија

Ниту Филипче не знаел за КАТО-системот – екс-министерот даде исказ пред собраниската Анкетна комисија за Онкологија

Поранешниот министер за здравство, Венко Филипче, не знаел за КАТО-системот на Онкологија кој со години стои неупотребуван на Клиниката. За време на неговиот мандат немало пропусти во работата на Клиниката.

Ова и други поенти ги изнесе екс-министерот пред пратениците. Поранешниот директор на Онкологија, Васев, е врвен професионалец смета Филипче. Но, ги повикува институциите да ги истражат сите сомнежи за неговото работење.

Не одговори – дали тој лично чувствува одговорност за скандалот. Филипче кажа дека не го оправдува реверсот на Онкологија, но со причина се набавувани лекови и на тој начин.

„Поставивте прашање во коешто сметам дека го давате и одговорот. Јас сум дал предлог да се воведе КАТО-системот?! Па, ако сум дал предлог тогаш ќе сум го имплементирал заради тоа што сум бил министер после тоа. Јас апсолутно не сум бил запознаен со ништо на Клиниката до пред да станам министер. Реверсот којшто го земаат сите јавноздравствени установи е за пациенти да не останат без лек!“ кажа поранешниот министер за здравство, Венко Филипче

На моменти, комисиската расправа се водеше на повисок тон, а претседателката Рашела Мизрахи не пропушти да изнесе бројни тези за нефункционалниот здравствен систем и уделот на поранешниот министер во сето тоа.

„Баш во тој период немаме протоколи за требување, нема стручен колегиум, нема протоколи и интерни акти за проследување на терапија и пациенти. На документацијата каде што е препишана терапија за одредени пациенти морал да се потпише лично докторот за требување, а не специјалистот којшто го водел. Овластување за биолошка терапија централизирано давал директорот којшто беше пофален од страна на министерот. Нема КАТО-систем, нема систем на следење, нема национален електронски систем за материјална евиденција и следење на медикаментите којшто министерот требало да го ревидира исто како и протоколи“ кажа претседателката на Анкетната комисија за Онкологија од говорницата.

Филипче посочи дека од медиумите првпат слушнал дека скапи цитостатици се пишувале и на име на починати пациенти.

Изрази сомнеж дека такво нешто може да го избегне филтерот на сите надлежни институции.

„Значи не може да нема координација со Фондот за здравствено осигурување. Системот е така поставен, што секое барање на било која јавноздравствена установа, за било што најпрво го одобрува Министерството за здравство, а понатаму согласно буџетите на располагање и Фондот за здравствено осигурување“ одговори екс-министерот Филипче на прозивките.

Пред неколку дена, со прашања на Анкетната комисија се соочи и наследникот на Филипче во министерската фотелја и кадар на Алтернатива, Беким Сали кој ја извршуваше министерската должност до пред една година.

По поранешниот министер Филипче, на Комисијата се појави и актуелниот министер Фатмир Меџити кој најави ставање на КАТО-системот во употреба, за што веќе има и финансиски анализи.

Анкетната комисија во Собрание е формирана со цел да се лоцира политичката одговорност за скандалот со кражба и препродажба на лекови од Онкологија. Формирана е со консензус на најголемите партии.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Европратениците дебатираат за извештајот на Вајц за Македонија

Дејан Дејан

Претседателката нема да предлага член на судски додека не се донесе новиот закон

Дејан Дејан

За „шетање“ затвореници на приватни собири- поднесено обвинение против Филип Андов -Сокол, екс директор на затворот Шутка и 7 затворски чувари и надзорници

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе