Вести Македонија

Уставни измени или лидерска средба за избори

„Ние сме Европа“, порачува СДСМ од трибините и другите партиски активности ширум земјата. „Од тебе зависат промените“, возвраќа ВМРО ДПМНЕ и во општините собира идеи за проекти што ќе бидат ставени во изборната програма. Кога се во прашање изборите, премиерот Ковачевски не гледа потреба од лидерска средба бидејќи Изборниот законик предвидува кога се термините за редовни претседателски и парламентарни избори. Инсистира целиот процес да се води низ институциите. По вчерашните охрабрувачки пораки од европските лидери за проширување на ЕУ, владеачката партија бара Македонија да си ги заврши своите обврски. Односно: уставни измени па избори.

-Динамиката за проширување во ЕУ постои и тие веќе се подготвуваат за проширување. Ние не смееме да се доведеме во ситуација уште еднаш, наместо да ги носиме одлуките кои што се потребни, да одиме на бесконечни избори кои што ги гледавме 11 години во државата. Тие не донесоа ништо, државата беше изолирана, имаше проблеми со соседите, почнаа проблеми внатре и на крајот мораше да се носат одлуки со решенија коишто беа полоши од тоа што го имавме на маса во 2011-та година, изјави премиерот Димитар Ковачевски.

За опозициската партија, врвно прашање во овој момент е да се договори терминот за избори `24-та. Неколку месеци пред гласањето, според Мицкоски, недозволиво е да нема никакви активности и никакви договори меѓу партиите. Се согласува процесот да се води во институциите, конкретно во Собранието во организација на спикерот Талат Џафери, чија уставна надлежност е распишување на изборите.

-Може да влеземе во уставна криза и потоа процесите да бидат уставно предизвикани. Да бидам попрецизен, да бидат и неуставни. Затоа, ценам дека на неколку месеци пред избори, добро е да се седне на една лидерска средба кадешто ќе има претставници на Владата и на опозицијата. Бидејќи ги споменуваат институциите, ќе дадам предлог – нека биде тоа во Парламентот, нека биде организатор Талат Џафери, ќе дојдам таму за да разговараме за можните датуми за избори бидејќи во меѓувреме сите треба да бидеме свесни дека има два големи верски празници – Велигден и Рамазан, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Последната лидерска средба беше пред точно четири месеци. Ковачевски и Мицкоски разговараа за предвремени избори и за поддршка на уставните измени, но не се договорија ниту за едното ниту за другото. За владините ставови, нов импулс даваат вчерашните изјави на европските лидери од состаноците во Гранада и во Тирана. Европскиот самит покажа широко расположение за проширување, во кое се вклучи и претседателот Макрон, но со барање секој да сработи договореното: и ЕУ и земјите-кандидатки за членство. Од состанокот на Берлинскиот процес во Тирана дојдоа уште поохрабрувачки пораки за подготвеноста на Унијата за прием на нови членки и со најава на план како да тече тој процес веќе од први јануари.

Соња Николовска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Гала концерт „Од MOБ за Скопје“ на плоштадот „Мајка Тереза“

Дејан Дејан

Родителите на жртвите од „Пулс“ во понеделник ќе чекаат одговори од надлежните за нивните барања

Дејан Дејан

Семејствата на жртвите од „Пулс“ не веруваат на институциите

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе