Вести Економија

Парно ќе има, но цената никој не ја знае – нема да има ценовни шокови уверуваат од Регулаторна

Скопјани нема да останат без парно греење и тоа е дефинитивно ама по која цена – сѐ уште нема одлука. Во моментов главна цел е најголем дел од топлинската енергија да дојде од ТЕ-ТО, за да има што помалку трошоци вели првиот човек на Регулаторна, Бислимовски.

Ситуацијата е проблематична затоа што со месеци траат натегањата помеѓу ЕСМ и Град Скопје околу тоа кој е надлежен за новиот топловод на мостот „Беласица“, а решение на проблемот со цевките – нема.

Од РКЕ велат дека во сите калкулации, главна цел ќе биде да се сочува ценовната стабилност.

„ТЕ-ТО е важен поради тоа што нѝ дава топлинска енергија којашто е за два ипол до трипати пониска отколку цената на топланите во градот Скопје. Значи Скопје ќе има парно греење и тоа никогаш не било доведено во прашање. Тоа за коешто инсистира Регулаторната комисија за енергетика е истото да биде со далеку пониски трошоци. И РКЕ од тоа нема да отстапи“ изјави Марко Бислимовски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика.

Топловодот беше оштетен пред околу четири месеци, кога пожар го зафати мостот „Беласица“. Оттогаш сите креваат раменици, а никој не го решава проблемот.

Во меѓувреме од Регулаторна предупредија дека санацијата мора да заврши што поскоро, за да нема ценовно цунами. Тоа сѐ уште се чека, вели претседателот Бислимовски и открива дека од истото зависи и носењето на одлуката за новата цена на парното.

„Одлука ќе донесеме Кога ќе добиеме цврсто уверување, а по информациите коишто ги имам веќе нема никаков проблем помеѓу ЕСМ и Град Скопје. Но, официјално кога ќе добиеме цврсто уверување дека ќе започне да се реализира тој проект ние ќе ја донесеме одлуката. И со таа одлука нема да дозволиме да има било какви ценовни шокови за потрошувачите на топлинска енергија во градот Скопје“ вели Бислимовски – РКЕ.

Претседателот на РКЕ потврди и дека евтината дневна тарифа на електричната енергија започнува со примена од 1 декември. Ќе важи во периодот од 13 до 15 часот, а во првите десет дена од месец декември најголем дел од домаќинствата ќе имаат пристап до истата.

Сите ќе имаат пристап до евтината тарифа кога ќе се изврши целосно сетирање на броилата.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Рускиот министер за сообраќај претпладнево доби отказ, попладнево пронајден мртов

Дејан Дејан

Мотоциклистот кој смртно го прегази пешакот Николовски однесен во Шутка – судот му определи затворски наместо домашен притвор

Дејан Дејан

Се е поскапено, инфлацијата повторно скокна, мерки засега во најава

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе