Вести Македонија Најважни

Затвореник со холивудска измамничка кариера и со богато судско досие ги излажал стражарите во Идризово дека ќе ги вработи во МВР, а за истото бил во затвор

Кој подмитувал и кој се заканувал во „Идризово“ – Управата за извршување на санкции трага по одговорите.

Кој подмитувал, а кој се заканувал?! Управата за извршување на санкции извршила вонреден надзор во „Идризово“ откако осуденик се пожалил дека командири му се заканувале, со тврдења за закани по животот и здравјето.

Осуденикот Јаневски кој отслужува деветгодишна затворска казна се пожалил на уцени да врати четири илјади евра за едно деноноќие. Припадниците на затворската полиција пред Управата за извршување на санкции дале исказ дека биле измамени од истиот тој човек кој им побарал по две илјади евра, со ветување за услуга. По извесен период тие сфатиле дека се измамени и настанот го пријавиле во полиција.

„Управата за извршување на санкции изврши разговор со двајца припадници на затворската полиција кои тврделе дека биле измамени од Јаневски кој им побарал по 2000 евра ветувајќи им дека ќе бидат префрлени со работа во МВР. Службените лица од Управата разговарааа и со осуденото лице Јанко Јаневски кој појаснил дека никогаш не зел пари од припадници на затворската полиција, туку напротив, дека лично тој му давал пари на припадник на затворската полиција“ се вели во соопштението на Министерството за правда.

Телма се обиде да добие повеќе детали за шемата, од страна на менаџментот на затворот „Идризово“. Оттаму не одговорија на нашите повици. Во меѓувреме, командирите немале никакви информации за причините за кои осудениот Јаневски веќе одлежува затворска казна. Тие ќе бидат суспендирани од работа.

Јаневски и досега бил осудуван за измама. Измамил четворица скопјани дека за пари ќе ги вработи во МВР. Во друг случај бил осуден дека измамил жена за 5000 евра дека ќе ѝ помогне да откупи државен стан, а во трет дека зел пари да посредува за бугарски пасош.

Како вистински Мајк Тајсон на измамата, Јаневски не дозволил затворот да му ја прекине кариерата, па со „својот занает“ продолжил и зад решетки.

Во јавноста се појавија информации дека осуденикот Јаневски се претставувал како поранешен заменик-министер за култура. Но, од оваа институција не добивме официјална потврда дека тој во минатото бил на ваква функција.

Ова не е првпат, познат и осудуван измамник да најде нови жртви. Сопственичката на поранешната пирамидална штедилница ТАТ Соња Николовска во 90-тите години одлежа 3,5 години за даночно затајување, откако на околу 13 илјади луѓе им пропаднаа над 60 милиони евра во штедилницата. Во 2017 година повторно беше осудена дека по излегувањето од затвор измамила четворица битолчани за над 600 илјади евра.

Сопственикот на ФИКОМ Никола Николиќ, кој измами десетици граѓани продавајќи еден стан неколку пати, откако беше осуден, му биле доверено да работи во затворската кантина. Кога направиле попис, утврдиле дека недостигаат 100 илјади денари.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Сенатот го усвои „големиот прекрасен закон“ на Трамп

Дејан Дејан

Топлотен бран ширум Европа – повеќе земји бележат рекордни температури за овој период од годината

Дејан Дејан

Изборниот законик пример за различни предизвици во реформската агенда

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе