Министерството за одбрана со иницијатива до градоначалникот на Тетово, Билал Касами, и до претседателот на советот на општината, Беса Дурмиши, бара да се постави спомен обележје во чест на загинатите припадници на безбедносните сили во масакрот кај Вејце, тетовски.
Иницијативата, потпишана од министерката Славјанка Петровска, е поднесена согласно членот 18 од Законот за меморијални споменици а со цел оддавање почит на загинатите борци.
Во документот пишува дека Министерството за одбрана е подготвено да ја спроведе постапката и да ги сноси трошоците за проектирање и изведба на ова спомен-обележје.
– На 28 април 2001 година, во вооружен конфликт во близина на село Вејце, бранејќи ја државата, животот го загубија припадници на македонската Армија и полиција и нивните семејства живеат во вечна тага за нивната загуба, но и тага дека на местото на загинувањето нема спомен-обележје со кое достојно ќе им се оддаде почит и признание“, стои во образложението на Петровска.
