Група членови на „Златна зора“, со маски, капчиња и качулки, упаднаа во галеријата на солунската општина Каламариа каде во тек изложба на македонскиот ликовен уметник, Сергеј Андреевски, јави дописничката на МИА од Атина. Инаку, „Златна зора“, со судска одлука е прогласена за криминална организација.
Во објавено видео на т.н „Фронт на подмладокот – Златна зора“ се тврди дека „Златна зора ја запечати скопската изложба во Каламариа“ и се додава дека не прифаќаат никаков компромис за „грчкиот карактер на Македонија“, дека станува збор за „очигледен потсмев и навреда на националното чувство на Македонците“, па затоа морале да „интервенираат“ и пред сѐ да испратат порака до грчките властите дека „ваквите провокации не остануваат без одговор“.
На влезот од галеријата залепиле плакати кои, како што велат, се однесуваат на жителите и на „неприфатливата толеранција на градоначалникот“.
„Се забранува секаква реклама или отстапување на јавен простор со пари од грчките граѓани за организации или личности како што е Сергеј Андреевски, кои ја поткопуваат грчката историја, го оспоруваат грчкиот карактер на нашата земја, ги отстапуваат нашите национални симболи и одобруваат криминал врз Грците“, пишува на плакатот.
„Златна зора“, како политичка партија, во периодот од 2012 до 2019 година беше дел од грчкиот парламент, а со судска пресуда од 2020 година е прогласена за криминална организација и нејзиното раководство, поранешни пратеници и членови, веќе три години издржуваат затворска казна.
Изложбата „Неизложени дела на хартија“ на ликовниот уметник Сергеј Андреевски беше свечено отворена во петокот во Солун, во присуство на голем број посетители, а уметникот истакна дека уметноста не познава граници, нејзиниот јазик е универзален.
