Неприфатлива и несериозна е идејата на Африм Гаши и неговата партија за формирање на Заедница на албански општини. Дел од владеачките партии вака го оценуваат барањето на од неодамна – опозициската „Алтернатива“. СДСМ, ДУИ и „Алијанса за Албанците“ категорично ја отфрлија оваа иницијатива, а со став се јавија и помалите партии.
„Состојбата во Косово на никој начин не може да се преслика и во нашата држава. Согласно Законот за локалната самоуправа и согласно Законот за меѓуопштинска соработка, соработката помеѓу општините во нашата држава е апсолутно овозможена. Секоја општина може да соработува во било која форма, кога ќе си го најде интересот за одредена тема. Ова барање сметаме дека е несериозно, дека не треба да се користи за придобивање на политички поени и е неприфатливо на крајот на краиштата“, вели Санела Шкријељ од СДСМ.
Вчера, потпретседателот на партијата од Мала Речица, но и предводник на т.н. „Огнени“, Изет Меџити оцени дека косовското сценарио со формирање на Заедница на српски општини, ќе има „домино-ефект“ во регионот и повика Албанците во Македонија да побараат исти права, со што де-факто ја поддржа иницијативата на Алтернатива. Официјалниот став на партијата, целосно се разликува од тоа што го изјави Меџити.
„Патетично, антиамериканско и антиевропско и оди на штета на конечното решение на косовското прашање. Неуспешен обид за опстанок на политичката сцена по доживеаното фијаско и целосно погрешно и деструктивно распоредување“, велат од ДУИ.
Во меѓувреме, повикот за Заедница на општините, од Демократски сојуз го оценија како националистичка реторика и на штета на европските перспективи, а во корист на интересите на Русија и националистите во Бугарија. Претходно, претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, предупреди на разгорување на тензии и незрело однесување од страна на Алтернатива и ги повика да кажат ако се против уставното уредување на државата.
Петар Догов
