И по сто часа од земјотресот во Турција и во Сирија, надежта не умира. Спасувачите неуморно копаат, работат на смени во текот на ноќта, а со почетокот на денот сите заедно продолжуваат да копаат. Одново се вклучува механизацијата. Роднините во агонија чекаат, и потоа се случува ново чудо.
Еден спасен човек, како да е спасено целото човештво. Храбрите екипи не се откажуваат, упорни се иако часовите минуваат. На моменти велат дека дури им се причинуваат како слушаат гласови.
- Тоа е неверојатен момент. Тоа е неверојатен момент. Работиме без прекин веќе три дена, тука сме. Најдовме отвор. По предупредувањето на нашиот пријател, почнавме да даваме предупредувања како „Дали има некој таму? Дали некој слуша мојот глас?“ За момент помислив дека гласовите излегуваат од мојот ум, вели Сехмуз Чевик, спасувач.
И во најуништениот Газиантеп се копа без прекин. По 94 часа е сапсен 17-годишниот Аднан Коркут. Прегратки, радосни пискотници од неговата мајка и благослови ја сечеа ледената ноќ.
- Чекајте, оставете ги да се гушнат, оставете ги.
- Како си?
- Добро сум.
- Како преживеа ?
- Се сокрив во тоалетот, си ја пиев урината за да преживеам, така успеав…му благодарам на Господ.
Аднан не се откажа, но ниту спасувачите. Три дена по ред, за да дојде до него, копаше и неуморната спасувачка Јасемин, која сега за неговата мајка е сестра по крв. Јасемин прва го најде, но последна низ солзи се запозна со него.
- Имам син колку тебе. Се колнам, не спиев со денови, се колнам не спиев, се обидував да дојдам до тебе. Те сакам многу, вели Јасемин, спасувачка.
Но, додека помошта е насочена повеќе кон Турција, надежта се повеќе умира во северозападниот дел на Сирија. Тука пристигнаа првите конвои хуманитарна помош, но темпото на спасувчките операции се намалува. Од под урнатините се извлекуваат само телата на жртвите.
Во болницата во сирискиот град Африн, новороденчето кое беше извлечено од под урнатините е во добра состојба. Илјадници сакаат да ја посвојат откако целото семејство загина, а само таа преживеа и беше пронајдена три часа откако е родена.
- Ја крстивме Аја (Светлина) за да не ја викаме „новороденото“. Состојбата и се подобрува фала му на Бога, рече Д-р Хани Мааруф, педијатар.
Погодениот регион на северот од земјата е поделен помеѓу сириските бунтовници, курдските сили, исламските екстремисти, турската армија и секако силите на режимот на Асад, поради што хуманитарните организации стравуваат дека распределувањето на помошта ќе оди многу тешко.
Алиса Шутиноска