Изворот на меѓучовечките судири, конфликти и војни , за кои слушаме постојано, е во алчноста и злите желби на човекот да го одземе и да го завладее туѓото. Затоа треба да водиме војна, но против гревот и страстите. Ова е пораката за мир во посланието по свечената божикна литургија што ја одржа архиепископот охридски и македонски и поглавар на МПЦ-ОА, г.г. Стефан во Соборниот храм.Во негово име, посланието го читаше отец Сашко Николовски.
- Да не заборавиме дека единствената војна што треба да ја водиме е војната против гревот и страстите.Само на тој начин ќе можеме да стекнеме вистински мир. Мир што го надвишува секој ум, мир што извира од миротворецот. На тој и таков мир, на Христовиот мир треба да се потпира сиот човеков духовен живот и односот на човекот кон бога. Имајќи само таков мир, ќе можеме да бидеме во мир и со бога и со ближните.
Во овие времиња- невремиња да се покажеме достојни следбеници на Христа, како мирољупци, миротворци, богољупци и човекољупци, порачува г.г. Стефан преку словото на отец Николовски, до верниците. И тие што денеска дојдоа на литургијата по повод празникот на Христовото раѓање- Божик, обременети од економската криза, во честитките и пораките, покрај другите пригодни желби, бараат мир во секојдневниот живот.
- Воопшто од цени до живот, не растурија! Гледате дека нема мир. Не можеш телевизија да погледнеш саглам. Гледаш телевизија- сѐ темно.
- Нека ни е честит празникот на сите и да си го поминеме!
- – Сѐ најубаво! На сите мир, здравје, спокој, берикет!
- Да има здравје, среќа, љубов оваа година! Помалку болести!, порачуваа граѓаните..
Покрај граѓаните, на божикната литургија во Соборниот храм присуствуваа: премиерот, министерот за внатрешни работи, поранешниот претседател Иванов со сопругата, лидерот на опозициската ВМРО- ДПМНЕ, градоначалничката Арсовска и други функционери.
Божик е празник на радоста, утехата и благодарноста. Според Јулијанскиот календар , празнувањето на Христовото раѓање започна денеска, а завршува задутре.
Сотир Трајков
