Вести Најважни Свет

Го потикнал упадот во Капитол- Конгресната комисија предложи кривично гонење на Трамп

Комисијата на американскиот Конгрес која ја истражува улогата на поранешниот претседател Доналд Трамп во упадот на демонстрантите во Капитол, на 6 јануари 2020 година, предложи покренување официјално обвинение против Трамп.

Комисијата предлага Трамп да биде кривично гонет под четири точки, и тоа за обид за попречување на официјална процедура, обид за измама, за давање лажни изјави и за поттикнување и помагање на побуна против уставниот поредок, во неговиот обид да ги поништи резултатите од изборите со 2020 година, на кои беше убедливо поразен од Џо Бајден.

„Комисијата обезбеди значителни докази дека претседателот Трамп имал намера да го попречи мирниот трансфер на власта според нашиот Устав. Претседателот има афирмативна и примарна должност да делува и да води сметка дека законите верно се спроведуваат. Нема поголемо предавство на оваа должност од тоа да поддржува бунт против уставниот поредок.“ – изјави демократот Џејми Раскин, член на Претставничкиот дом од Мериленд

Но препораката на комисијата чија истрагата траеше 18 месеци, за време на кои беа спроведени повеќе од 1.000 интервјуа и соберени над милион документи, не значи дека американското обвинителство официјално ќе почне процес против поранешнито претседател.

„Министерството за правда е единствената институција која одлучува кои обвиненија, ако воопшто одлучи така, ќе ги покрене. Но, овој момент има симболична важност, затоа што конгресната комисија му сигнализира на Министерството дека верува  оти собрала доволно докази за можни кривични дела извршени од Доналд Трамп.“ – проценува Ерик Такер од Асошиејтед прес

Во текот на својата истрага комисијата смета дека утврдила оти претседателот во заминување бил дел од повеќеслоен заговор за отфрлање на волјата на гласачите и негово останување на власт.

Комисијата смета дека Трамп продолжил свесно да шири лажни тврдења дека изборната победа му била украдена, да врши притисок врз членови на федералната влада, министерството за правда и потпретседателот Мајк Пенс, да му помогнат да ги поништи резултатите од изборите.

Комисијата го обвинува дека во последен обид да го спречи потврдувањето на изборната победа на Бајден ги поттикнал протестите на неговите поддрѓувачи, кои завршија со насилниот упад во Конгресот при кој директно, или индиректно животот го загубија пет лица.

Игор Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Притвор за сопругот на Димитровска која наплаќаше за Куклица, фрлал камења кон инспектори на УЈП

Sonja Petrusevska

Симптоматична е втората оставка во Уставен, јавноста треба да ги знае причините – велат експертите

Дејан Дејан

Документот со исполнети реформи испратен во Брисел, Изборниот законик останува во политички застој

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе