Прво производство со субвенционирана струја, потоа намалување на цените на основните прехранбени производи. Од денеска 235 фирми од прехранбениот сектор влегуваат под капата на ЕСМ продажба и ќе користат струја по цена од 80 евра за мегават час. Очекувањата и најавите на Владата се дека намалувањата ќе почнат од средината на месецот.
„Од денеска има пониски цени на бел леб кај некои од пекарите, имаме и намалување на цените на млеко кај некои од млекарниците. Во наредниот период очекуваме дека ќе има дополнително намалување на цените и кај другите производители и од пекарската, од млечната и од месната индустрија. Секако, треба да се има во предвид дека одредени маркети имаат залихи од претходно, но во наредниот период очекуваме стабилизирање и намалување на цените на основните прехранбени производи до 10 отсто“, констатира министерот за економија Крешник Бектеши.
Прво, оп, па скок. Мелничарите претпазливи во изјавите. Предупредуваат да не се создаваат очекувања пред време.
„Цената на електричната енергија во последните 5 дена се врати на цена над 400 евра плус 10 отсто маржа кој грубо кажано изнесува 30 денари по киловат час. Така што целта на одлуката на Владата ја исполни суштината и спречи натамоишно зголемување на цените. Во идниот период истава одлука треба да создаде пазарни услови за нормално стопанисување, со што се надевам ќе се создаде простор за намалување на цените“, вели Горан Малишиќ од мелничко-пекарската индустрија.
Но, не се радуваат сите. Засега извисија оние пекари и мелничари кои инсталирале фотоволтаици. Ако не влезат во субвенциите, најавуваат дека сами ќе си ги одредуваат пазарните цени.
Поефтината струја, пак, ја раскара месната индустрија. Производителите на месо пред колапс.
Преработувачката индустрија на месо контра производителите. Дел од цените на сувомеснатите производи одат надолу.
Пазарната инспекција е на готовс да ги проверува фирмите кои добиваат поевтина струја. Велат дека прво мора да се потрошат залихите, па потоа да се очекува реален пад на цените. Казните последна опција.
Од ЕСМ Продажба, пак, соопштија дека е надминат проблемот и со петте фирми кои имаат поставено фотоволтаици и ќе се откупуваат нивните преостанати количини по цена од 80 евра минус 10%, а принципот ќе се применува и за сите други вакви случаи, доколку се појават при пријавувања за снабдување во следните месеци. Заеднички проблем кои создава неизвесност се увозните репроматеријали за производство на храна. Берзие засега стабилни, но, велат претстои тешка зима.
Павле Беловски
