Вести Македонија Топ вести

Шефот на протокол во МНР за амбасадор е избран на почетокот на годината, неговата оставка не е поврзана со заминување во Москва

Скандалозен скок во кариерата, наместо казна за дипломатскиот гаф со словенечката министерка Тања Фајон, која во МНР беше пречекана со словачко знаме. Македонскиот дипломатски синдикат обвини, фиктивна е приказната на Османи за оставка на директорот на протоколот, бидејќи билетите за Москва, се обезбедени уште пред скандалот со Фајон.

Министерот Османи демантира дека довчерашниот шеф на протокол наскоро заминува за Москва, но потврдува дека амбасадорското столче му е доверено на почетокот на годината. Вели се прават дополнителни политички проценки за испраќањето на амбасадор во Русија, но тоа никако не е поврзано со оставката. Уверува, таа е од морални причини.

На тврдењата на синдикатот, Османи возврати со контраобвинувања, дека тезите ги пласира само еден човек кој е против дипломатскиот кодекс, а не цела една организација. Изостана објаснување за сомнежите дека дополнителна сенка врз неговата изјава фрла фактот што не постои механизам за оставка на државен службеник. Преку соопштението, синдикатот бара и оставка од Османи.

„Тој многу добро знае дека оставки може да поднесуваат само функционери, како што е впрочем тој,  кои се избрани или назначени на определен временски мандат. Службеници никако. Лагата околу наводната оставка да биде уште побескрупулозна, споменатиот колега за една недела заминува на амбасадорска позиција во една голема земја, за каде што картите му се извадени уште пред инцидентот со знамињата“, се вели во реакцијата на Македонскиот Дипломатски Синдикат.

Преку кусо соопштение, реагираше и опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

„Се поставува прашањето зошто Османи ја лаже јавноста? Неспособноста е длабоко вкоренета во институциите. Како човек кој не разликува знаме, може да преставува држава?“, е наведено во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Денешните обвинувања и контра-обвинувања доаѓаат две недели по дипломатскиот гаф, а ден по изјавата на Османи дека шефот на протоколот во МНР поднел оставка. Словенечката министерка за надворешни работи Тања Фајон наместо со словенечко, беше дочекана со словачко знаме од својот колега Бујар Османи.

Весна Јовановска Дојчиновска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ССМ: Зголемувањето на старосната граница за пензионирање нe е е решение за покривање на дефицитот на Пензискиот фонд

Дејан Дејан

Крадци ноќеска испразниле банкомат во трговски центар во Скопје

Kristina Kuzmanovski

Усвоени измени на Законот за финансиски лизинг

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе