Во период од четири месеци, системот „Безбеден град“ снимил над 33.000 прекршоци од возила со странски регистарски ознаки, одговорија од МВР. Тоа значи дека секој четврти прекршок фатен со системот Сејф сити го прави возач на автомобил, камион или автобус со странски таблички, а возачот не добива казна, бидејќи прашањето сè уште не е регулирано.
„Во периодот од 2 февруари до 31 мај 2026 година, во системот „Безбеден град“ се евидентирани вкупно 33.722 прекршоци од возила со странски регистарски ознаки од кои најголем дел во текот на мај – 11.258, а најмал број на прекршоци се регистрирани во текот на февруари – 4.301“, одговорија од МВР.
Претходно, на отчетот за двегодишното раководење со МВР, министерот Панче Тошковски истакна дека во првите пет месеци биле регистрирани околу 120.000 прекршоци од кои најголем дел или 95% биле за пречекорување на брзината. Но, од таа бројка, 33.000 се со странски возила за кои засега нема начин на испорачување казни, односно станува збор за 28,1% од прекршоците фатени со Сејф сити кои не се наплативи до промените кои ги најави МВР.
„Безбеден град“ ќе почне да евидентира сторени сообраќајни прекршоци и од странски возачи
