Десетици илјади граѓани се приклучија на протестниот митинг кој вечерва на плоштадот Славија во Белград го организираа српските студенти.
Масовноста на овој протест, одржан дури 11 месеци по претходниот е од исклучителна важност за студентското движење, кое произлезе од овие протести, и неговата намера да го продолжи политичкиот притисок врз српскиот претседател Александар Вучиќ и владејачката Српска напредна странка во период на општо прифатеното мислење дека движењето, но и граѓанското општество, полека го губи еланот за продолжување на протестите.
Мајка, која сака нејзиното дете овде да живее, сите ние да живееме во една нормална држава. Имаме многу голем број паметни луѓе, како стари така и млади, а особено млади. Штом успеаја со својата прекрасна енергија и младоста да нѐ соберат сите овде, јас сум некаде помеѓу и не можам да се бројам меѓу нив, ниту пак меѓу постарите, но овде нѐ има од различни генерации и навистина верувам дека можеме, дека имаме право и дека треба да живееме нормално, порача Маја Милаш Марковиќ од Белград.
И покрај опструкциите од страна на властите, особено од необјаснивото прекинување на сите линии на Српски железници, реки народ од повеќе страни го исполни белградскиот плоштад Славија, местото на кое се одржаа сите претходни протести.
Одзивот, исто така, може да се оцени дека дополнително ги охрабрува студентите, кои се подготвуваат да ги предизвикаат СНС и претседателот Вучиќ на парламентарни избори, како предвремени, така и според редовниот термин кон крајот на следната година.
Движењето „Студентите победуваат“ по речиси 18 месечните протести во Србија, забрзано почнува да добива карактеристики на политичка организација, и понесено од широката поддршка од општеството категорично одбива здружување на силите со било која од опозициските партии.
Конечно имаме политичка група која може да им се спротивстави на СНС и Александар Вучиќ. Секако, постојат одредени разлика, постојат проблеми во комуникацијата помеѓу студентите и проевропската, граѓанската опозиција, десничарската и национална опозиција, што во одредена мерка се отсликува и во анкетите. Но, и покрај тоа што студентите прават грешки, како што правиме и сите ние, тие грешки не ги задржуваат, и тие некако успеваат без штета, или со не толку голема штета да излезат од тие проблеми што ги имаат. И понатаму имаат голема поддршка во Србија и може да очекуваат да постигнат одличен резултат на изборите, вели професорот по политички науки, душан вучевиќ.
Претседателот Александар Вучиќ, чија партија СНС најави контра собир на истото место од 26 до 29 мај, во повеќе наврати изминативе месеци најавува избори, без конкретен датум.
Избори нѐ очекуваат во рок од два или шест месеци. Како што видовте и на локалните избори, никој нема да окупира никакви општини, собранија и што било друго. Сѐ зависи од граѓаните. Граѓаните ќе одлучат, порача пред нешто повеќе од две недели Вучиќ.
Денешниот протестен митинг е четвртиот голем собир на студентите откако започнаа нивните протести поттикнати од смртта на 16 луѓе, при падот на бетонска настрешница на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември 2024 година.
Игор Трајков
