По тешката сообраќајна несреќа на скопската обиколница во која загинаа тројца дваесетгодишници и 51-годишниот оперски пејач Ристе Велков, судот му определи притвор на косовскиот камионџија кој ја предизвика несреќата.
Сообраќајниот вештак Дејан Трпевски за Телма вели дека прво што треба да се провери какво здравје и дозволи имал 76-годишниот притворен возач. Во јавноста пак главно прашање е дали патот имал соодветни банкини за да се спречи или барем да се намалат размерите на трагедијата.
76-годишниот возач на камион кој учествуваше во сообраќајната несреќа на обиколница со 4 загинати луѓе синоќа е однесен во притвор во Шутка откако судот му ја определи мерката поради опасност од бегство и повторување на делото.
Истрагата треба да утврди зошто нагло ја пресекол лентата, ја пробил банкината и се префрлил на спротивната лента. Удрил во автомобил во кој сите 4-ца патници, три 20-годишни момчиња и 51-годишниот возач загинаа, а возилата се запалија.

Банкините беа пробиени лесно, но ќе се проверува и дали биле согласно прописите и дали посилни можеле да ги спречат трагичните последици.
Имало случаи кога банкините не биле правени согласно плановите, но тоа треба да го открие истрагата, вели за Телма, сообраќајниот вештак Дејан Трпевски.
-Првин да изразам сочувство на фамилиите на трагично загинатите. Ова е голема трагедија и голем удар врз македонското општество. Во поглед на банкините, истрагата ќе покаже дали банкините биле направени согласно пропишаните стандарди или не биле направени. Затоа што имаме ситуации во Македонија кога е докажано дека одредени банкини не се изведени согласно стандардите односно на определени банкини недостасуваат одредени делови кои би требало да бидат вградени, рече Трпевски.
-Земајќи во предвид колкава е масата на товарно возило, не знам дали возилото било празно или натоварено, со одредена брзина- тоа возило има огромна кинетичка енергија. Така да, ниту една банкина, каква и да е, не може да го сопре возилото ако тоа ја погоди банкината под одреден агол со одредена количина на кинетичка енергија. Во најмала рака, ако не ја пробие банкината може да ја прелета и да помине на другата страна, објаснува сообраќајниот вештак Дејан Трпевски.
Засега е познато дека условите на патот биле нормални, а според вештакот тешко ќе биде да се утврди брзината со која се движел косовскиот камион бидејќи е можно да е уништен тахографот на товарното возило.
Најмногу на што треба да се обрне внимание, според вештакот Трпевски е дали возачот кој бил длабоко во 8-та деценија од животот бил здрав и способен за да биде професионален камионџија.
-Сопствениците на компаниите кои се занимаваат со транспорт поради недостаток на шофери, ангажираат се и секого. Дали во оваа ситуација е ангажирано лице кое ги исполнувало условите, треба да покаже истрагата. Верувам дека возачот имал валидна дозвола меѓутоа дали таа легална возачка дозвола му е издадена на пропишан начин или само про форма му е издадено лекарско уверение, како што често знаеме дека се случува, вели вештакот Трпевски.
Според македонските закони, лиценца за професионалец возач може да трае најмногу до 75-годишна возраст, со здравствени прегледи на секои 5 години.Од друга страна во пензија се дои на 64 и работниот стаж може да се продолжува. По кои закони и правила возел косовскиот возач е работа за истрагата.
А резултати од истрагата, чека и јавноста и самејствата на загинатите , таткото Ристе и синот Адам Велков, Петар Миланов и Марко Ѓорѓиевски.
Миомир Серафиновиќ
