Поништен е тендерот кој го добија унгарската „Електробус – Икарус“ и австриската ЕВН за набавка на електрични автобуси и станици за полнење. Според информациите на Телма една од четирите фирми кои конкурираа поднела жалба до Државната комисија по жалби којa донела одлука тендерот да се поништи.
„Државната комисија по жалби за јавни набавки по службена должност донесе решение за поништување на јавната набавка на електрични автобуси и електрични полначи. Министерството за транспорт, согласно своите надлежности, предметната јавна набавка повторно ќе ја објави согласно законските прописи во најбрз можен рок“, соопштија од Министерството за транспорт.
Според информациите на Телма, тендерот за набавка на електрични автобуси ќе биде распишан до крајот на денот или во вторник наредната недела.
На 30 април транспорт соопшти дека тендерот за набавка на 150 електрични автобуси и 75 станици за полнење го добија двете компании. Цената е 19,3 милиони денари или 314 илјади евра по автобус кој треба да ги испорача Икарус а треба да имаат најмалку моќност од 300 киловати, со капацитет од најмалку 66 патници и автоматски клима уред.
Според условите од тендерот „Икраус“ е задолжен за одржување, поправка и набавка на делови за автобусите во наредната декада. „ЕВН“ пак ќе ги достави, сервисира и одржува 75те станици за полнење.
Динамиката на испорака е 30 електрични автобуси и 15 станици за полнење да се достават најдоцна шест месеци од денот на склучување на договорот, а по 60 електрични автобуси и 30 станици за полнење да се достават најдоцна до 12 односно 18 месеци месеци од денот на склучување на договорот.
Скопјани со замерки за квалитетот на јавниот превози и во исчекување на подновување на возниот парк на ЈСП и воведување на БРТ системот.
Градоначалникот Ѓорѓиевски соопшти дека Владата го одобри договорот за имплементација на проектот, појасни дека тендерската постапка и подготовките би завршиле до крајот на годинава а теренските активности за БРТ треба да почнат во текот на наредната.
Огнен Чанчаревиќ
