Студентското движење во Србија најави голем протестен собир во Белград овој викенд, со кој повторно се зголемува притисокот врз претседателот Александар Вучиќ и неговата влада. Илјадници граѓани се очекува да се соберат на Славија, во продолжение на повеќемесечните протести против корупција и политичка одговорност.

Собирањето на студентите ќе започне во 13 часот на повеќе локации во главниот град на Србија. Колоните студенти од таму ќе тргнат кон плоштадот Славија. На официјалниот сајт на студентите во блокада се поставени и формулари за сместување и превоз, со цел луѓето кои не се од Белград, да може да се организираат.
Протестите, кои започнаа по трагедијата на железничка станица во Нови Сад во 2024 година, прераснаа во пошироко движење што бара предвремени избори и политички промени.
Студентите тврдат дека инцидентот ја открил длабоко вкоренетата корупција во Србија, во државните инфраструктурни проекти, што дополнително ја зголеми јавната поддршка за движењето.
Владата на Вучиќ, пак, остро реагира на протестите, додека провладините медиуми ги обвинуваат демонстрантите за дестабилизација и странско влијание.
Во услови на зголемени политички поделби и меѓународна загриженост за демократските стандарди во земјата, протестите се очекува да продолжат и во наредниот период.
Ова ќе биде четврти пат студентите да организираат протест на Славија. Првиот беше одржан во декември, 2024-тата година, вториот на 15-ти март минатата година и третиот на 28-ми јуни лани, на Видовден.
